АктуелноЛокално

Без програма новиот јавен обвинител од Зајас ќе го гони организираниот криминал

Дури денеска јавноста го виде ликот на новиот Јавен обвинител за гонење организиран криминал, кој изминатиов период не се појави на ниту еден медиум. Пред изборот, којшто се случи вчера, Ислам Абази по потекло од Зајас, воопшто не комуницираше со медиумите, не давал изјави, не водел кампања, ниту пак презентирал своја програма за тоа како и што планира да работи во ова чувствително обвинителство.

Инаку, Абази е единствен од четворицата кандидати којшто не сакал да комуницира ниту со медиумите, кои во изминатиов период се обидуваат да воспостават контакт со него. Од него нема ниту биографија на страницата на Вишото јавно обвинителство Гостивар коешто го водел досега.

Неговата биографија пред себе ја немаат ниту членовите на Советот на јавни обвинители, кои во најголем дел гласаа за него, па иако без план и програма најголем дел од обвинители (66 од вкупно 160) оцениле дека тој е најсоодветниот човек, којшто треба да раководи во борбата со организиран криминал и корупција во Македонија.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вчера објави статус, во кој наведе дека токму на денот на лидерската средба, ДУИ го презеде Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Иначе во јавноста се засилија информациите дека Абази е во блиски врски со ДУИ. Дел од јавноста пишува дека жената на новиот Јавен обвинител е ќерка на Руфат Хусеини, актуелен директор на Државниот инспекторат за транспорт. Хусеини, кој е и поранешен градоначалник на ДУИ од Зајас, е директно инволвиран во трагедијата со автобусот на „Беса Транс”, каде животот го изгубија 45 лица.

Руфат Хусеини со лидерот на ДУИ, Али Ахмети

Автобусот возел без лиценца, а лиценците и сертификатите ги издава Министерството за транспорт. За контрола е задолжен Државниот Инспекторат за транспорт, со кој директорува токму Хусеини од ДУИ.

За случајот со „Беса Транс” нема никаква завршница. Единствен исход досега е одземената лиценца од страна на Министерството за транспорт и врски.

Новиот јавен обвинител, кој во својата биографија нема никакви случаи против високи функционери, допрва ќе треба да ги преземе најтешките случаи, во кои се инволвирани високи фунцкионери на ДУИ.