Стојков: Народот во Благоевград не е против македонскиот клуб, проблемите ги провоцираа платениците

Откако вчера беше отворен македонскиот културен клуб во Бугарија, по завршувањето на настанот, Стојко Стојков од ОМО Илинден Пирин даде изјава за медиумите.

„Отворањето на македонскиот центар е добро за ширење на македонската култура. Тоа е шанса да се покаже на граѓаните во Бугарија кои сакаат да слушнат, дека Македонците не се непријатели и немаат ништо против Бугарија. Се надеваме дека ќе има позитивен резултат целата оваа работа“, – вели членот на претседателството на ОМО Илинден-Пирин, Стојко Стојков за отворањето на клубот „Никола Вапцаров“.

Професорот порача дека 30 години живеат без поддршка од македонските власти и дека нивната борба била самостојна, поддржана од некои меѓународни институции и демократската јавност.

„Не е ништо ново што и Бугарија одбива да не признае. За нас е важно што самото отворањето на клубот привлече големо внимание, особено во македонската јавност и се надеваме од тоа ќе произлезат позитивни работи“, порача Стојков.

За протестите во Благоевград, тој вели дека немаат проблем од бугарското население, туку само одредени обиди за предизвикување инциденти од страна на група провокатори.

„Тука живеат и Македонци и Бугари. Имаше организирани групи на ВМРО-БНД за кои не знаеме од кај се, можеби се од другиот крај на земјата, како што Каракачанов е од Русија, тој не е Македонец. Такви групи се појавуваат за да создаваат проблеми и да се даде впечаток дека населението е проблем. Населението не е против и не се интересира, самите гледате седат по кафеани и нема никаков проблем, не викаат од кафеаните. Оние другите се платеници“, изјави Стојков за медиумите, по завршувањето на настанот.