АктуелноЛокално

Левица: Дали Националниот Парк „Маврово„ е затворен поради забава на некоја крупна политичка ѕверка ?

  • Реакција на Левица – Зелен сектор

Сосема неочекувано на 20.10.2022г ЈУ “ Национален Парк Маврово – Маврови Анови“ објави информација со којашто еден месец се забранува движење во пределот меѓу Говедарник, Меденица и Карбула, највисоките врвови на планината Бистра.

Дозвола за движење може да се добие само со посебно барање што треба да се поднесе до истата институција.

Министерот за животна средина Насер Нуредини кој е директно надлежен за националниот парк „Маврово„ молчи. Молчи и неговиот директор Самир Ајдини чиј потпис стои на штурото и неразбирливо соопштение.

Тој предел е интересен за планинарите и рекреативците, но е интересен и за ловџиите. Пределот обилува со диви кози, мечки и диви свињи. Лесен е за пристап со теренски и помали товарни возила, бидејќи до таму, преку месноста Фрчец, може да се стигне по земјен пат.

Забраната за движење e објавена преку Фејсбук страница на ЈУНП “Маврово” и важи цел месец: од 21.10.2022г до 20.11.2022г. Oсвен што е наведено дека ќе се изведуваат активности, никој не дава детално известување што точно ќе се прави на тој потег во овој период.

Таму нема шума, бидејќи месноста е над 1700 м. надморска висина.
Во овој момент не се изведуваат никакви зафати на електродистрибутивната мрежа, a не e најавено ниту аслфалтирање на патот.

Политичката партија Левица ќе побара инспекциски надзор од Државниот Инспекторат за животна средина, а ги повикува Нуредини и Ајдини под итно да ги обелоденат причините за забраната за движење и да одговорат на прашањата :
– Дали Националниот парк “Маврово” организира лов?!
Што и кој лови или ќе лови?! И за колку пари?!

Или пак некој гратис ќе лови диви животни во овој прекрасен локалитет?!