Бирократите во Брисел ќе си ја зголемат платата, а на народот му кажуваат да штеди

  • Пишува: Љубиша Петровски

Додека ЕУ бирократите им предлагаат на граѓаните да го стегнатна ременот со бизарни мерки како пократко туширање со поладна вода, тие ќе се справат со поскапувањата на најлесен начин – со зголемување на и онака високите плати за 6,9 отсто.

Зголемувањето на платите е резултат на автоматски процес, приспособување на платите на инфлацијата во Белгија и Луксембург каде се наоѓаат институциите на ЕУ и затоа нивната плата би се зголемила ретроактивно од 1 јули.

Доколку тоа се случи, шефицата на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен би добила плата повисока за цели 2.015 евра. Нејзината сегашна плата е 29.203 евра a заедно со зголемувањето би инкасирала 31.218 евра месечно, колку што е просечната годишна плата на нејзините сонародници во Германија. Платите на еврокомесарите би биле повисоки за 1.643 евра, а пратениците во Европскиот парламент би добиле по 632 евра повеќе. И сето тоа во ситуација кога антируските санкции на Брисел резултираа со високи цени на енергијата, кои во комбинација со висока стапка на инфлација доведоа до пад на животниот стандард на граѓаните на ЕУ и нивни протести низ европските градови.

Најавата за зголемување на платите во Брисел во време кога Франција, Италија и другите западни земји ги тресат протестите на граѓаните незадоволни од падот на животниот стандард, е последица на несогледување на реалноста. Елитата на ЕУ си ги живее животите во исти затворени кругови, како политички така и информативни, поради што реалните проблеми на граѓаните тешко допираат до нив.