120 години од основањето на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург
На денешен ден во 1902 година во Санкт Петербург официјално е основано Македонското научно-литературно другарство. На докуменот за неговото основање има 19 потписници, меѓу кои и Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Дијамандија Трпков Мишајков, Стефан Јакимов Дедов, д-р Гаврил Константинович.
При основањето го носи патронатот на свети Климент Охридски, а од 1903 г. на Кирил и Методиј.
Прв привремен претседател бил Дијамандија Мишајков, а од почетокот на 1903 година па до 1917 година, тоа место го заземал Димитрија Чуповски. На 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство, Македонското научно-литературно другарство испратило Меморандум, што всушност претставува прва национална програма во која се бара признавање на Македонците како посебна нација и народ, со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Турција.
И покрај противењето на другите балкански друштва во Русија, сепак, Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно другарство како рамноправен член на Советот. За таа цел му дало простории во кои другарството би можело да одржува редовни состаноци и советодавни седници.
Од денот кога Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство го признало Македонското научно-литературно другарство доаѓала константна помош од руските организации од овој тип.
Во Русија се печателе книги, брошури, летоци, кои ја објаснувале улогата, задачата и целта на МНЛД. Особено значаен е фактот што во Македонското научно-литературно другарство со помош на Советот на Санктпетербуршкото братство била создадена првата книга на современ македонски литературен јазик со фонетски правопис. Станува збор за книгата на Крсте Петков Мисирков „За Македонцките работи“.