„Нова Македонија“ – Прв македонски весник по историското заседание на АСНОМ

Во мугрите на 29 октомври 1944 година, во малото село Горно Врановци, Титоввелешко, се појави првиот број на весникот „Нова Македонија“, инаку прв слободен македонски дневник на мајчин јазик и гласило на штотуку родената македонска државност со историското заседание на АСНОМ. 

Впрочем, појавувањето на весникот „Нова Македонија“ е во непосредна врска со основањето на новата македонска слободна држава, и тој практично е врсник на македонската државност, зашто решението за негово појавување потекнува од една исто така историска седница на Президиумот на АСНОМ, одржан од 2 до 5 септември во Манастирот „Свети Отец Прохор Пчински“, на слободната територија на Козјак. Тогаш, со посебна одлука е верифицирана идејата за секојдневен весник, што инаку како размисла ги преокупираше воените и политичките тела и раководства на Народноослободителната војска, особено во: последната воена, 1944 година. По оваа одлука, меѓу читателите партизани, а и во илегалните кругови се појави „Наша хроника“ кој практично беше и претходницата за првиот слободен дневен весник на македонски јазик, „Нова Македонија.

Уште на првиот септемвриски состанок во 1944 година на кој ќе присуствуваат поголем број воени и политички раководители од Главниот штаб на НОВ и ПО за Македонија, Централниот комитет на КПМ и од Президиумот на АСНОМ, како и низа истакнати културни работници, се доаѓа до идеја, дневниот весник да почне да излегува во селото Горно Врановци, кое тогаш безмалу, беше престолнината на нецелосно ослободената Македонија. Во ова село беа сместени сите органи на новата македонска држава, така што беше логично и дневниот весник „Нова Македонија“, овде да ја почне својата славна историја. Кон ова секако се приклучува и потфатот на македонските печатари од Партизанската печатница „Гоце Делчев“, исто така сместена во Горно Врановци, кои дури успеаја да ги набават сите неопходни “материјали пред очите на непријателот во се уште окупираното Скопје. 

Пред германските војници во окупаторската печатница во Скопје, смелите графичари ќе ги направат и првите клишиња, а за историјата на весникот, и воошшто, значајно е што токму пред будната контрола на непријателот во печатницата во Скопје, обезбедена со бројни стражари, беше направено и клишето со ликот на другарот Тито, кое се наоѓа објавено на првата страница на првиот број на весникот.

Партизанските  колпортери весникот ќе го разнесат низ цела Македонија, па дури и во неослободените градови. Целата грижа околу подготвувањето на првиот број на весникот му беше доверена на раководителот на Агитационо-пропагандното одделение при ЦК КПМ и Главниот штаб, Веселинка Малинска, која заедно со политичките, воените раководители, со писателите, културните работници и други, ќе ја изврши оваа историска задача. Првиот број ќе му биде доверен на јазична редакција на раководителот на одделението за превод и редакција, Блаже Конески, кој со своите соработници, практично, ќе изврши своевиден напор и обид за усогласување на дијалектните форми што ги имаа текстовите, односно, извесно нормирање на литературниот јазик, преку доближување на дијалектите од заедничките основи. И од овој аспект, првиот број на весникот има своевидно историско значење.

Инаку, вториот број ќе се појави во Битола, а дури третиот во ослободеното Скопје. Оттогаш, почнува четиридецениската  историја на весникот „Нова Македонија““, кој од една мала редакција под раководство на АГИТПРОП, ќе израсне денес во секојдневно гласило на РК ССРНМ, со низа свои изданија, во заедница со повеќе основни организации на здружен труд во рамките на денешна НИП „Нова Македонија“. Низ изминатите децении низ весникот ќе поминат бројни новинари и надворешни соработници, и тој ќе биде вистинска хроника на новото општество, а во исто време, држејќи го чекорот со современоста, ќе стане и активен фактор во проследување, толкување и разрешување на бројните состојби од севкупниот живот на слободната Татковина.

Уште првиот одговорен уредник на весникот, Мито Хаџивасилев-Јасмин, кој во историјата на ова слободно гласило има своевидна пионерска улога, заедно со низа свои соработници, во еден од своите текстови на првата страница на весникот, визионерски ќе посочи на улогата што ќе ја одигра ,„,Нова Македонија“ во новото општество, а оваа определба до денес останува зацртана во сите документи за уредувачката политика и програмскиот развој на весникот. Со указ на Претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, весникот ,„,Нова Македонија“ во 1966 година е одликуван со Орден заслуги за народ со златна ѕвезда, а е добитник и на низа други признанија, како и неговите бројни соработници, кои се носители на високи одликувања и награди за својата професионална и, пред се’, општествена дејност.

Денес весникот се појавува не само во сите краишта на слободната Татковина, туку тој е присутен и меѓу Македониците на другите континенти. Има своја развиена “дописна мрежа, современо уредени простории и во новиот архитектонски прекрасен објект на Булеварот „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, ја продолжува традицијата почната пред четириесет години во малата престолнина на штотуку формирана македонска слободна држава, велешкото село Горно Врановци. Во една своја телеграма за еден од јубилеите, “претседателот Тито, кој ќе даде и посебно интервју за „Нова Македонија“, меѓу другото ќе рече: „Како прв македонски дневен весник, „Нова Македонија“ одигра посебна улога во афирмирањето на националното достоинство на македонскиот народ…“

Верољуб Андоновски, Архив , Илустрирано списание на Матицата на иселениците од Македонија, „Македонија“, бр.378, октомври 1984