Глобализација: Американски проект (прв дел)
- Пишува Кристијан Димков – Студент на Институтот за Социологија на Филозовскиот факултет при УКИМ и член на Црвена Младина
Глобализацијата како општествен феномен е сеприсутен, како во академскиот така и во јавниот дискурс. Сепак, иако секој од нас има некоја претстава за тоа што всушност е глобализацијата, речиси и да не постои конкретна дефиниција за неа. Во продолжение ќе наведам две спротиставени дефиниции од две спротиставени учења за глобализацијата (хиперглобалисти и скептици).
Антони Гиденс, еден од најпознатите претставници на хиперглобалистите, глобализацијата ја дефинира на следниов начин:
„Интензивирање на светските општествени односи што ги поврзуваат далечните локалитети на таков начин што локалните случувања се обликувани од настани што се случуваат многу илјади милји подалеку и обратно“.
Џорџ Ритцер пак, како еден од најважните претставници на скептиците, глобализацијата ја објаснува преку „процесите на империјализмот, колонијализмот, вестернизацијата и истернизацијата, кои во голема мера ги претставуваат општествата во минатото и сегашноста“.
Во овој текст јас ќе се задржам на видувањата на скептиците, бидејки сметам дека се многу поблиску до вистината, освен тоа, и историското искуство од досегашниот тек на глобализацијата, замислена во рамките на хиперглобалистите, ни покажува дека тој процес се карактеризира со деструкција во повеќе општесвени домени од секојдневното живеење на светската популација.
За тоа дека глобализацијата не е модерна измислица на западот сведочи и Манифестот на Комунистичката партија каде што Карл Маркс и Фридрих Енгелс на 7-мата страна велат:
„Крупната индустрија создаде светски пазар, кој беше подготвен со откривањето на Америка. Светскиот пазар неизмерно ги разви трговијата, морепловството и сувоземниот сообраќај. Ова, пак, влијаеше врз проширувањето на индустријата. Со иста мера со која растеше индустријата, трговијата, морепловството, железниците, се развиваше и буржоазијата, го зголемуваше своојот капитал, и ги потиснуваше во заден план сите класи што беа наследени од средновековието.“
Од овој цитат можеме да забележиме дека авторите на некој начин ја приметиле глобалната економија и дека тој проект не е нов, односно дека се развил под околностите на раниот капитализам.
Ако се водиме по дефиницијата дека политиката претставува продолжение на војната но со други средства, можеме со сигурност да тврдиме дека САД е најмоќната држава на планетава земја, како на воен, така и на економски план оваа земја е главен водач на овој проект. Популарните гледишта на скептиците, кои и јас ги застапувам, се во насока на тоа дека, глобализацијата претставува проект од страна на моќните држави кон послабите. Во оваа насока, глобалниот поход на САД е толку очигледен што дури има и свое име „Американизација“. Притоа, подвлекувам дека САД својот глобален поход не го прави исклучиво на воен план, многу почесто го прави на економски, политички и културен план.
Економскиот аспект на глобализацијата
Гледиштето дека глобализацијата е проект најмногу се забележува во економскиот дел на глобализацијата, односно, во меѓународната размена на производи и услуги – непостоењето на граници, царини итн. Глобализацијата на ова поле многу повеќе им користи на земјите и компаниите што продаваат отколку државите што купуваат, нешто што е евидентно во се поголемата нееднаквост помеѓу земјите на глобално ниво па и во рамките на Европската Унија. Ваквата состојба на непостоење на граници, царини и други регулациски правила, компаниите ја зграпчија со двете раце и од национални станаа мулти национални корпорации. Со ширењето на компаниите на глобално ниво, експлоатацијата станува се повоочлива и поинтензивна.
Во ситуации каде што конгломератите, големите мулти-национални компании како McDonalds, Burger King, Coca-Cola и т.н. се помоќни од државата каде што ги експлоатираат работниците, оттука, во овие земји се случува појава која се нарекува социјален дампинг. Социјален дампинг се нарекува појавата кога некоја компанија, обично мултинационална ги прекршува законите во една земја но државните органи „замижуваат“ пред ова прекршување. Оваа појава е присутна особено во неразвиените земји како Македонија, каде што политичките елити не прекинуваат да зборуваат за странски инвестиции.
Тие, Македонија конкретно за да привлече странски инвестиции, замижуваат на непочитувањето и прекршувањето на правните норми и правила, кои важат за сите други освен за фирмите кои се дел од контингентот на странските инвестиции, а неретко за овие инвестиции се прават и посебни отстапки во однос на даночни ослободувања или намалување на социајални и еколошки критериуми. Еден типичен ваков пример е Технолошко индустриска развојна зона (ТИРЗ) како слободна зона од аспект на даночните закони во Република Македонија. На работниците ангажирани во фабриките од оваа трговска зоната им е забрането синдикално да се организираат.
Мулти-националните компании од овој вид, да се помоќни само од Македонија како држава и не би било некое изненадување, овие компании се помоќни дури и од многу средно развиени и држави со поголеми економии од онаа на Македонија.
Мултинационалните компании ги користат последиците од глобализацијата, односно миграциите како и бегалците од помалку развиените земји или пак земјите кои се во војна итн. и уште толку ги експлоатираат со прекувремена работа за помалку од минимална плата, услови кои тие луѓе мораат да ги прифатат едноставно бидејки немаат друг избор. За пример, Македонци кои работат во Германија во McDonalds дури до 12 часа на ден иако законско е регулирано да биде 8.
Прашањето што се наметнува е, како овие компании доаѓаат до таква политичка моќ та во нивната експлоатација на труд и ресурси имаат повластена позиција?
Сметам дека одговорот на ова прашање е во капиталната вредност на овие компании – вредност чиј дел е видлив на сцена но многу и голем дел од нивната моќ која се протега позади сцена, која се брои, односно квантифицира од страна на Statista, изнесува од 100 до над 2.000 милијарди американски долари. За споредба, Македонија има БДП од 12.27 милијарди американски долари. Односно, дури и најразвиените држави како Соединатите Американски Држави, Германија, Обединетото Кралство и т.н. замижуваат пред социјалниот дампинг, бидејки тие не се „слуги на народот“ туку се слуги на масовните мултинационални компании односно на капиталот, кој, не само што не е државен, туку не е ни домашен – сметките на овие компании се некаде по офшор зоните или големите финансиски центри на развиените земји од Западот.