(Видео) Левица ја поднесе иницијативата за референдум
- Прес-конференција на претседателот на Левица, Димитар Апасиев, за поднесувањето на иницијативата за реферeндум во време на протестот против фашистичкиот клуб во Охрид.
“Денешната пресконференција ја свикав по повод поднесувањето на предлог, односно барање за покренување на граѓанска иницијатива на државно ниво за распишување на задолжителен дополнителен референдум. Согласно член 73 од Уставот на РМ и член 24 од Законот за референдум, Левица, односно јас како физичко лице, иницираме постапка за отпочнување на собирање најмалку 150 000 потписи.
Гледате колкава е бирократската процедура. Денес до архивата на Собранието ќе поднесеме 150 страни материјал. Согласно законската процедура, материјалите се доставуваат до претседателот на Собранието.
Референдумското прашање гласи:
„Дали сте за продолжување на преговoрите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“
Сметаме дека ваквото чесно формулирање на прашањето е правно коректно и издржано и затоа не очекуваме пречки во понатамошниот тек на постапката. Сакаме да ги потенцираме проблемите со кои се соочивме.
Покрај законски речиси најтешкиот процес за собирање потписи во Европа, имаме и недоволна екипираност на ДИК, па така имавме случаи во триесетина општини каде собиравме потписи на оневозможување на процесот. Граѓаните од Прилеп, Крушево и Ресен требаше да одат во Битола за да се потпишат, граѓаните од Охрид во Струга, граѓаните од Радовиш во Струмица, додека од Неготино и Демир Капија во Кавадарци.
Во овој момент постои недоволна екипираност на подрачните единици на ДИК, што при процесот на собирање на 150 000 потписи може да биде сериозен проблем. Во оваа фаза, собрани се околу 750 потписи кои денес ги поднесуваме до архивата на Собранието.”