Петар Георгиевски – Камиказа: Културната мафија соработува и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ

Петар Георгиевски – Камиказа во интервју за Фокус од 2018 година зборуваше за тоа како културната мафија добива тендери. Областа во која тој рабои во голем дел зависи директно од институциите и организациите на културата под државна капа, кои за реализирањето на културни проекти објавуваат тендери. Според Георгиевски овие тендери речиси секогаш завршувале на иста адреса, тој вели дека Во 99 отсто од проектите не можевме ни да припариме поради условите што се диктираа и тендерите што беа однапред наместени.“

Георгиевски тврди дека компанијата, „ДВД Пет“ ги добивала сите тендери на културните институции и фестивали, почнувајќи од Универзална сала, преку МНТ, МОБ, Охридско лето и сите други. Ова било и една од причините за неговата компанија да престане да учествува на ваквите тендери. На прашањето „Од каде знаете дека е договорено?“ Георгиевски одговори: „Е па како, ако ги добиеш сите тендери, не е договорено? Ќе остане некој прозорец, едно нешто ќе остане и за другите. Но, овде ништо не остана за никој друг. Тоа во суштина наликува на културна мафија, која е невидлива. Сумите не се преголеми. Се работи за околу два милиони евра годишно, пари со кои можеше достојно да се презентираме пред домашната и светската јавност доколку сите културни манифестации не беа покривани од една компанија, која работите ги завршуваше под сите технички стандарди и критериуми.“

Георгиевски иста така откри дека компанијата која ги добива сите тендери ДВД Пет, „всушност, е компанија, која произлезе од Скопско лето кога директор беше Мирко Стефановски. Првите пари за техника ги добија во времето кога Ристо Пенов како градоначалник им даваше пари за одржување на Скопско лето, ама и за купување техничка опрема. Едната година, чинам, осум милиони денари, другата нешто повеќе. По две-три години техниката ја издвоија од Скопско лето формирајќи приватна компанија, на чело со Здравко Кочишки, вработен во Културно-просветната заедница. Новата компанија со 15-20 милиони денари стартен капитал во опрема можеше да си дозволи на пазарот да понуди цени што се смешни. Потоа, бесплатно ги користеа магацините во МНТ (сега МОБ) со години за време на сите власти, а за последните 11 години, братот на Здравко Кочишки стана директор на техника на МОБ, а претходно работеше на билетарница.“

Зборувајки за другите културни институци Георгиевски вели дека „Универзална сала, а и на Младински културен центар директор беше Гоце Димовски, кој имаше слични манири и, исто така, имаше блиски врски со ДВД Пет и со Стефановски, кој, пак, стана директор на МОБ, благодарение на добрите конекции со Пенов и ЛДП. Кога нашата компанија КЛС требаше да влезе да работи во таа зграда, еднаш во две години ни броеја колку кабли влегуваат и колку излегуваат, нѐ замајуваа со куп формалности. За разлика од нас, ДВД Пет во објектот влегуваше и излегуваше кога и како сака, а внесуваа и изнесуваа што сакаат. Згора на сѐ, истиот директор постојано го нудеше ДВД Пет за соработка на сите надворешни странки, кои го бараа просторот за изнајмување, како приоритет со кој нема да имаат проблеми од никаква природа.“

За овие луѓе Георгиевски вели дека „едниот беше близок до СДСМ, другиот беше близок до ЛДП, а која во тоа време беше во коалиција со ВМРО, значи цело време тие имаа по некој во структурите на власта, се протнуваа на мала врата и успеваа сите овие години да ја држат во потпросечност македонската култура и фестивалите.“

Георгиевски исто така вели дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ можеле да организираат концерт на Меморија, но тоа тие не го сакале заради сопствените принципи. Тој вели дека ако тие добиеле пари од нив „ќе требаше „Меморија“ да свири по митинзи, а ние да членуваме во ГДОМ, во ТРОМ или во СЛОН…, а за што лично?! Ниедна партија не успеа да ја добие мојата „наклоност“, точно поради она што на почетокот го кажав: ни ги бркаат децата од сопствените огништа за грст златници. Срамота!“

На крајот од тоа интервју кое целосно можете да го прочитате на овој линк Георгиевски се потсети на една интересна ситуација. „Под мојот балкон се случува митинг на СДСМ. Главните песни што свират се ‘Македонија“’од ‘Меморија’, ‘Оган под ѕвездите’, на митингот на ВМРО-ДПМНЕ главните песни се ‘Македонија’, ‘Оган под ѕвездите’… Чиста шизофренија, оди па разбери ги.“