Битката кај Буковик од 1943 година
- Објава на ОМО – Илинден Пирин – забранетата македонска партија во Бугарија
На 1 октомври 1943 во реонот на планината Буковик, Кичевско, се одиграла една од најкрвавите битки меѓу македонските партизани и балистичко-германските сили во Втората светска војна.
Фашистичките сили извршиле напад врз слободната територија во реонот на планината Буковик, каде што престојувала младинската чета на баталјонот „Мирче Ацев“. Главната цел на албанските балисти и германските фашисти била заземање на Буковик, а потоа напад на градот Кичево, кој после повлекувањето на Италијанците, бил првиот ослободен град од фашизмот, под контрола на македонските партизани.
Младинската чета која била дел од баталјанот „Мирче Ацев“ била составена од најмладите македонски борци.
Во одбраната на слободната територија на Буковик, водачи на младите партизани биле комесарот и народен херој Мирко Милески – Урош (20 годишен) и командантот на младинците Лазар Лазарески – Гоце (17 годишен).
Во битката учествувале вкупно 37 борци, меѓу кои и неколку млади Македонки. Од другата страна заедно со германските фашистички сили биле и многубројни балистички сили предводени од озлогласените Џемаил Хасани, попознат како Џемо Хаса и Мефаил Шеху. Претходно балистот Мефаил Шеху со неговата балистичка банда биле помилувани од партизаните, откако Кичево било ослободено.
Откако Шеху видел дека Италијанците во Кичево се поразени, тој за да се спаси им се приклучил на партизаните на 11 септември 1943 година. Но за помалку од еден месец тој ја погазил својата „беса“ и се здружил сега со германските фашисти, против македонските партизани.
Нападот дошол од правец на Гостивар, при што непријателските сили биле предводени од Германци, придружени од балистите на Џемо на кои им се придружуваат балистите на Мефаил Шеху, кои биле стационирани околу селото Бигор Доленци.
Во раните утрински часови на 1 октомври Мирко Милески телефонирал од железничката станица во Буковик дека се опколени и дека четата била нападната од многубројни непријателски сили. Четата добила наредба да се повлече, но младинците немале време да се повлечат затоа што биле опколени. Започнала нерамна битка која траела околу седум часа. Во крвавата битка загинале 32 борци од четата, само петмина успеале да се извлечат.
Комесарот Мирко Милески откако ги испукал последните куршуми од пушката и револверот, откачил бомба и легнал врз неа. Партизанките Мара Угриновска – Гина и Олга Софеска Мицеска биле фатени живи, измачувани и на крај погубени. Балистите имале над 20 жртви во битката. За германските жртви нема податок.
Следниот ден, на 2 октомври, Германците и балистите со помош на бугарски фашистички авиони го нападнале градот Кичево.
Младите Македонци Мирко, Лазар, Олга, Борис, Соколе, Јордан, Вело, Мара… остануваат засекогаш на вечна стража на Буковик, а нивните имиња и нивното херојско дело се патоказ за идните генерации Македонци, за тоа како треба да се брани Македонија.
Вeчна им слава на македонските херои!