Украина – Што е следно? Глобална криза и Светска Војна, или замрзнат конфликт?

Пишува: Дарко Тодоровски – м-р по меѓународни односи и воен аналитичар

Многумина во светот диверзијата на гасоводите Северен Поток 1 и Северен Поток 2 ја споредуваат со атентатот во Сараево во 1914 година кој што доведе до Првата Светска Војна. Војната во Украина излегува од контрола, и Русија и Западот одамна го преминаа Рубикон. Во игра се користи и нуклеарното оружје како средство за заплашување и одвраќање на противникот. Диверзијата како и барањата за репарација од Полска е јасен сигнал од САД до Германија, никакви обиди за договор со Русија. И Москва и Вашингтон се решени да одат до крај во битката за Украина. А покрај Украина, колатерална штета ќе биде и Европа.

Целата светска јавност со голема загриженост го следи конфликтот во Украина, како и последните изјави од двете страни за можноста од користење на тактичко нуклеарно оружје. Светот сега се наоѓа во период кој што е поопасен и посериозен од Кубанската ракетна криза. Нуклеарните стрелки на часовникот се поблиску отчукуваат. Конфликтот излезе од контрола и се прогнозираат разни сценарија за конфликтот во Украина. Во моментов актуелни се три сценарија за конфликтот во Украина.

Црно сценарио: како одговор на акциите на Русија поврзани со референдумите во Донбас, Запорожје и Херсон, признавањето на резултатите од референдумите, излегувањето на овие региони од составот на Украина и нивната анексија/припојување кон Русија ќе означи ескалација на конфликтот. Како резултат на објавата на ограничена мобилизација во Русија, НАТО повторно ги крева влоговите, го зголемува нивото на учество во војната во Украина со цел за да ја порази Русија на бојното поле. Русија изјави дека ќе ги брани своите нови граници со целото оружје на располагање.  Заканите за удари и уништување на руската воена инфраструктура на Крим и во Калининград, како и диверзијата на Северен Поток 1 и Северен Поток 2 од страна на САД и НАТО водат кон нуклеарен конфликт, иако по неа има уште неколку нивоа.

Сиво сценарио: замрзнување на конфликтот во сегашната состојба со вечно непризнавање на новите руски граници, со Украина распарчена и разделена која ќе биде интегрирана во НАТО и ЕУ, Украина која ќе се подготвува за реванш и нова војна. Ќе бидеме сведоци на нова “Железна завеса” и долги години прекинати врски меѓу Русија и Западот на секое ниво.

Бело сценарио: За ова сценарио, свеста за реалноста на нуклеарната закана мора да допре до сите во целиот свет, и пред се во Русија и на Запад. Да се најде win – win опција за сите за излегување од војната во Украина, без победници и поразени, по што Западот ќе има смисла да ги обнови односите со Русија после некое време, кои нема да бидат како порано, но ќе овозможат нормализирање на односите и ситуацијата. И двете страни ќе знаат која црвена линија не треба да се премине.

Има уште едно сценарио, а тоа е непредвидливи настани во Русија и на Запад, дестабилизацијаи економска криза, плус активирање на Тајванскиот проблем, или избувнување на голема војна на Блискиот Исток. Светот влегува во турбулентен геополитички период.