Власта не обезбеди откуп на јаболката по достоинствени цени
- Пишува Славе Туџаровски – Член на Левица – ЛО Ресен
И оваа година почна бербата на јаболко во преспанскиот регион. Со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ почна годинашната берба на Преспанското јаболко.
Традиционално бербата почнува на големиот христијански празник Крстовден, кога на свечена манифестација се збира целата политичка елита од државата, и симболично ја означуваат почетокот на бербата.
Со насмеани лица и полни стомаци политичарите си заминуваат дома, додека за маката на јаболко производителите никој не прашува.
Соочени со тешките услови на производство во кои влегуваат високите цени на горивата, ѓубривата, пестицидите, песимизмот кај нас си фаќа подлабок корен отколку дрвјата кои ги работиме.
Уценувачкиот однос на трговците и фабрикантите здружени со политичките елити, санкциите и субвенциите, дополнително не осакатуваат од година во година.
Надежта дека оваа година ќе биде подобра од минатата е како избледен, жолт лист кој ветрето ќе го одува со доаѓањето на есента.
Славните денови на распеана Преспа, кога со елан и насмевки се збираа плодовите на трудот, одамна се минато време. Сега, спасот од сѐ подлабокото тонење во калта е да ги извадиме дрвјата и барем зимава да не купуваме огрев.
Дали пак ќе дојдат убавите денови на Преспа, дали пак ќе живееме од нашиот труд, од нашите јаболка, од нас зависи.