Двојно повеќе мигранти ги загубиле животите на морските патишта кон Европа

Споредено со претходната година, бројот на мигранти и бегалци кои загинаа на опасни морски патишта кон Европа е двојно зголемен – се вели во новиот извештај на Агенцијата за миграција на Обединетите Нации.

Според Меѓународната организација за миграција Најмалку 1.146 лица загинаа помеѓу јануари и јуни. Бројот на луѓе кои патуваат на морски патишта кон Европа исто така е зголемен за 56%, се вели во извештајот на МОМ.

Патеката во Централeн Медитеран меѓу Либија и Италија е најсмртоносна, таа згасна 741 живот. Следен е регионот на Атлантскиот океан помеѓу Западна Африка и Шпанските Канарски острови, каде загинаа најмалку 250 лица. Додека пак на западно-медитеранската рута кон Шпанија, и на источно-медитеранската рута кон Грција животите ги загубија 149 лица – соопшти агенцијата.

МОМ вели дека реалниот број на смртни случаи на морските патишта кон Европа може да биде далеку поголем бидејќи многу бродоломи остануваат непријавени, а за некои е тешко да се потврдат.

Организациите за човекови права предупредија дека отсуството на државни бродови за пребарување и спасување, особено во Централниот Медитеран, ќе ги направи мигрантските премини поопасни. Европските влади сè повеќе се потпираат и ги поддржуваат земјите од Северна Африка, кои реално имаат многу послаби ресурси за да се справат со операциите за пребарување и спасување.

Според извештајот Тунис ги зголеми ваквите операции за 90% во првите шест месеци од 2021 година, додека либиските власти пресретнаа и вратија повеќе од 15.000 мигранти, тројно повеќе луѓе отколку во истиот период минатата година. Главна причина ваквата ситуација во Либија е продолжувањето на војната.

Различни фактори придонесоа за зголемувањето на број на жртви оваа година, како еден од најзначајните е „отсуството на проактивни, европски, државни активности за пребарување и спасување во меѓународни води“ рече портпаролот на МОМ, Сафа Мешели.