АктуелноЛокално

Поради хонорарите на несудената конзулка Бесмира Ејупи, ДКСК бара кривичен прогон на правобранителот Стафа и на градоначалниците Беџети, Ганиу, Пајазити и Митевски

Откако беше откриено дека за една година несудената конзулка Бесмира Ејупи во 5 различни институции заработила околу 12 илјади евра од државниот и од повеќе општински буџети, ДКСК покрена постапка, а на денешната седница донесе одлука да поднесе иницијатива за кривичен прогон на Државниот правобранител Фехми Стафа, како и на градоначалниците Блерим Беџети (Сарај), Висар Ганиу (Чаир), Енвер Пајазити (Брвеница) и Борче Митовски (Петровец).

Тие ги потпишувале договорите на дело со Бесмира Ејупи во 2021-вата година. Според договорите Ејупи требало да оди секојдневно на работа во повеќе институции што е и физички невозможно. Покрај тоа, во извештаите за сработеното за Ејупи било впишувана една те иста содржина. Ејупи е се уште на државна плата од парите на граѓаните во Државното правобранителство.

Основа за овој предмет се написите кои се појавија во медиумите во однос на исплата на средства според договор на дело на едно лице од повеќе институции, односно како што е познато, за новинарката Бесмира Ејупи, која по основ на договори на дело добиваше средства од четири општини и од една државна институција. Имајќи предвид дека нашиот закон во член 2 вели дека под корупција се подразбира злоупотреба на функција јавно овластување службена должност или положба за остварување корист директно преку посредник за себе и за други, јасно е дека за овие ситуации постои таква можност за кривично гонење, рече Катица Николовска, член на ДКСК, којашто на денешната седница го образложи предметот од документите што ги добија од институциите.

Таа појасни дека до сите инволвирани институции беше испратено барање да достават соодветна документација поврзана со овој случај. Од добиените документи, рече Николовска, се гледа дека ова лице има два договора со Државното правобранителство, од март 2021 и сѐ уште активен во 2022 година, со делокруг на работни задачи од Одделението за општи и заеднички работи, работно место каде веќе беше вработено едно лице.

Според Николовска, карактеристично е тоа дека во извештаите за извршените работи секој месец се користени исти зборови, иста содржина, ист распоред, дури се има користено само еден терк за секој месечен извештај.

Името на Бесмира Ејупи стана актуелно откако беше обелоденето дека иако нема никакво искуство во надворешната политика, МНР ја предложи за нареден генерален конзул во Њујорк. По реакциите на јавноста, владата и МНР беа приморани да се откажат од својата идеја, скапо платената административка да биде дипломат во „Големото јаболко“. Засега нема никаква иницијатива за враќање на парите што ги има земено од државни институции каде одговорни лица беа од ДУИ (4) и од ВМРО-ДПМНЕ (1).