Отворено писмо до министерот Крешник Бектеши

  • Пишува Саше Јанчев – Член на Централниот Комитет на Левица

Министре Крешник Бектеши,

Ви се обраќам како советник во Општина Гевгелија, а инспириран од вашето успешно решение на проблемот со струјата во Арачиново. Ова го правам затоа што и ние во Гевгелија имаме проблем со струјата.

Конкретно, Гевгелија пие вода од бунари. Водата од бунарите се вади со пумпи кои работат на струја, што се надлежност на Јавното претпријатие за комунални дејности “Комуналец” – Гевгелија. Како што знаете, цената на струјата се покачи драстично. Според сегашното раководство на Претпријатието, истото не е способно да ги плати сметките за струја. Според нив, опциите се или да останеме без Претпријатието, што покрај довод ги дава и сите други јавни услуги во Општината, или да се покачи цената на услугите.

Во Гевгелија луѓето редовно си плаќаат сметки. Нема загуби од 80 проценти или загуби од околу 6 милиони евра годишно во струја. Нема да ви се верува, но, некогаш прво сметки плаќаат, па потоа прават математика дали има за леб. И сето тоа, сега за мое неверување, без ни да помислат да ги запалат локалната и централна власт.

Во таква ситуација, само Вие ми доаѓате наум како некој кој е способен да го реши случајот и да не извади од оваа агонија, имајќи го предвид случајот со Арачиново.

“Да вложиме максимални напори да заштедиме струја, да го заштитиме семејниот буџет и да не ја влошиме состојбата со енергетската криза”. Ова го кажавте во контекст на решавањето на проблемот во Арачиново.

Да го примениме ова истово и во Гевгелија, со тоа што, тука, на сето погоре цитирано од ваша страна ќе додадеме и решение со идната криза со вода за пиење, собирање и одлагање на отпад, чистење на Општина Гевгелија и што уште не.

Работата е опасна. Дадете му уверение на снабдувачот со електрична енергија како што тоа го сторивте со ЕВН во Арачиново, па да ни замижат за сметките на Претпријатието за да не останеме првенствено без вода. Или пак, дајте некое милионче парична помош како што тоа се прави за Арачиново, за да го заштитиме семејниот буџет. Или пак нешто трето. Верувам во Вашата докажана способност.

Кога веќе централната власт се меша во ова, за детали на проблемот може совет да ви дадат двете колешки од владината коалиција, а сега пратенички во Собранието, кои се избрани од ИЕ 4, Марија Костадинова и Драгица Ѓавочанова. Ако се решите за уверување кон снабдувачот на струја, заедно повеќе ќе ви тежи уверувањето.

Со почит,
Саше Јанчев,
Советник во Општина Гевгелија