Локално

Единствено пратениците на Левица во Собранието гласаа против НАТО

  • Соопштение на Политичката партија Левица

Денеска, македонското Собрание со дури 102 гласа „за“ и само 2 гласа „против“, на пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, ги ратификуваше протоколите за прием на Финска и Шведска во воениот сојуз НАТО.

Со ова, Македонија учествува во донесување на одлука водена од империјалистичките интереси на САД, која прекршува принципи и меѓународни договори кои со сигурност ќе влијаат негативно врз стабилноста на континентот.

Дополнително, со ваквата одлука, Собранието на Македонија учествува во прекршувањето на „Парискиот договор“, согласно кој Финска треба да остане воено неутрална држава. Додека пак, со интеграцијата на Шведска во НАТО, за првпат во меѓународните односи, од неутрална земја се прави прекугранично воено активен субјект, а притоа, принципот за не-ширење на северно-атланската воена алијанса кон исток, уште еднаш, повторно е нарушен.

Пратениците кои гласаа „за“ приемот на Финска и Шведска во НАТО, треба да знаат и дека со тоа целосно ја игнорираа волјата на граѓаните на овие две земји. Имено, иако постоеше барање за референдумско изјаснување на народот во Финска и Шведска по ова прашање, сепак, тоа не им беше дозволено, и владите на овие две земји, под притисок на воениот сојуз НАТО и САД, без да ја испочитуваат волјата на своите граѓани, донесоа одлука за аплицирање во НАТО.

Ширењето на воениот сојуз НАТО драстично ја нарушува безбедноста на континентот. Конфликтот во Украина е само уште еден доказ дека НАТО не носи мир и стабилност, напротив, предизвикува конфликт, војни и страдања. За првпат по Втората светска војна се милитаризира северот од Европа, кој важеше за еден од најбезбедните делови на континентот!

Земји како Финска, која не учествувала во ниту една војна по крајот на Втората светска војна, и Шведска која повеќе од еден век е воено неутрална, земја без извршено воено дејствие, после ова ќе бидат вовлечени во злосторствата и валканите геополитички дејствија на НАТО пактот. Воедно, овие земји, ќе постанат уште една алатка на САД и НАТО за конфронтација со Руската федерација и другите земји кои не се дел од овој воен сојуз.

Кога се работи за странските интересите, во овој случај интересите на империјалистичкиот воен сојуз НАТО и неговите водечки земји САД и Британија, уште еднаш се покажа дека македонската политичка елита е под целосна контрола на странците и во безмалку робовски одана служба на нивните интереси, тотално игнорирајќи ги потребите на својот народ и интересот на сопствената држава.

Пратениците од редовите на Левица беа единствените кои гласаа против протоколот кој ја нарушува безбедноста на европскиот континент за сметка на империјалистичките цели на колективниот Запад.