Чии пописни желби ќе исполнува џубоксот на Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски минатата недела изјави дека во наредниот период тој ќе биде државен непријател на Македонија.

„Наредните месец дена ќе бидам државен непријател, но ние не сме џубокс за исполнување на желби, туку треба да направиме реална фотографија за населението“ – изјави Симовски.

Изјавата на Симовски слободно може да се толкува како најава за пописни резултати кои ниту најмалку нема да одговараат на реалната слика, но вистинското прашање е по чии пожелби ќе пее џубоксот на Апостол?

Малцинските заедници во Македонија, веќе одамна лицитираат со резултати, сите со свои желби и амбиции, но речиси никој од нивните политички претставници не ја чувствува потребата за претставување на реалната слика.

Турците беа децидни дека нема да го признаат пописот ако се под 7% од вкупното население, Ромите очекуваа да се покаже дека се 100 илјади во Македонија, односно 4%.

Најамбициозни во лицитацијата традиционално остануваат Македонските Албанци. Владејачката ДУИ се изјасни дека нема да го признае пописот ако Албанците се под 20%, а за Алијанса за Албанците/Алтернатива очекувањата беа пописот да покаже 29% Албанци во Македонија.

Поранешниот пратеник Ружда Матоши беше еден од оние кои најмногу ја „познаваат“ статистиката. Според него, Македонците, се само 5 проценти повеќе од Албанците, односно: Македонци 40%, Албанци 35 %, Бугари 15 % и малцинства 10%.

Повеќе од јасно е дека пописот спроведен минатата година е политички процес кој нема никаква врска со статистика. За тоа по чии ноти „ќе пее“ џубоксот на Симовски ќе дознаеме на 30 март директно од Македонската Филхармонија.