АктуелноЛокално

Балистичко-врховистичката власт го легитимира насилството како алатка за разбивање на протести

  • Пишува Јован Крајевски – член на Централниот Комитет на Левица

Како и сите останати фашистички влади во историјата, и нелегитимната влада предводена од коалицијата помеѓу балистите од ДУИ и врховистите од СДСМ својата финална трансфигурација ја доживува преку легитимирање на насилно разбивање на протести и штрајкови во Републиката.

Социјалдемократијата, која историски покажа дека е ништо повеќе од умереното крило на фашизмот, и денес во Македонија стравува да ги извалка сопствените раце. Обидот со насилие и страв да се разбијат најмасовните протести во Република Македонија од нејзиното осамостојување, протести против бугаризацијата и за зачувувањето на АСНОМ-скиот анти-фашистички карактер на Републиката, тактички не го направија преку полицијата како главен репресивен апарат на државата, туку го препуштија на балисти од калибарот на Цуфи Кока, кои излегоа со пиштоли и покажаа дека немаат никаков почит кон уставно загарантираните права на граѓаните на Република Македонија да го изразат својот револт во форма на протест.

Власта го легитимираше ваквото разбивање на протести изрекувајќи му минимална казна затвор на Цуфи Кока од смешни четири месеци. Во државата каде што луѓе лежат години затвор за украдени ќебапи, на балистите им се испраќа експлицитна порака дека им е дозволено да сторат сè што чесниот граѓанин на Републиката не би се дрзнал ни да го помисли, доколку истото е во насока на засилување на бугарските фашистички позиции кон Република Македонија.

Без никаква намера за вулгарна споредба, туку само со цел да потсетиме дека социјал-демократијата е спремна да соработува и со најреакционерните сили во општеството, посочуваме на историското апсење на Адолф Хитлер после неговиот Пивнички пуч во 1923. И покрај убиството на четворица полицајци, Адолф Хитлер од страна на социјалдемократите кои знаат дека само фашист може да ја заврши нивната валкана работа во корист на крупниот капитал, е осуден на минимална казна од пет години затвор, од кои само една година ги одлежува пред да го помилуваат.

Фашизмот, без разлика дали е во балистичка, врховистичка, усташка или нацистичка форма, е последниот очаен удар на стариот свет. Тој е крик на општеството кое одумира и е спремно да биде заменето со едно ново, хумано и социјалистичко уредување. Наше е да го разбудиме духот на партизаните во нашите срца и да останеме истрајни! Борбата е долга и патот е макотрпен, но ова е борбата што ќе го зададе конечниот удар, ќе ја падне оваа балистичко-врховистичка власт и ќе го отпочне градењето на подобар свет за нас и идните генерации!