АктуелноЛокално

Авто кампот Крани од Преспа – уништен од незаконскиот узурпатор, а институциите неми

Реакција на Левица – Сектор Туризам

Авто кампот Крани во Преспа кој е основан за време на Социјалистичка Република Македонија, беше еден од најубавите автокампови каде што работничката класа ги поминуваше своите денови за одмор. Тој е сместен на државно земјиште и дел на приватен имот. Во него има 400 камп приколки од цела држава, а со него управуваше фирмата Преспа Турист, за потоа државата да го даде под концесија на фирмата А.Д. Агроплод, при што истиот продолжува со работа.

Проблемите во авто кампот Крани настануваат кога А.Д. Агроплод во 2015 година незаконски го издава под концесија на фирмата ДООЕЛ Трпеновски од Битола, и оттогаш почнува уништувањето на авто кампот и криминалот од узурпаторот.

Иако дозволата за работа на авто кампот е одземена уште во 2004 година и земјиштето се враќа во државна сопственост, тој продолжува да работи незаконски, на црно, узурпирајќи го државното земјиште и противзаконски наплатува кирија на камперите, а во исто време условите во кампот се во катастрофална состојба.

Најголем проблем настанува оваа година, кога узурпаторот на автокампот незаконски, без никаква дозвола за работа, им дава нови договори на камперите, каде киријата им ја зголемува дупло од 20.000 на 40.000 денари. Незаконските узурпаторите на авто кампот А.Д. Агроплод и ДООЕЛ Трпеновски наплаќале кирија во висина од 8 милиони денари, а сега профитот сакаат да си го дуплираат на 16 милиони денари.

Освен што узурпаторите работат на црно, во автокампот не постојат законски пропишаните минимални технички услови за работа, нема пречистителна станица за отпадни води, нема противпожарна заштита, каблите за струја и струјомерите не се обезбедени, хигиената не се одржува и т.н.

Поради ваквиот за сите очигледен криминал, но, невидлив за институциите, политичката партија Левица ќе поднесе ПРИЈАВИ до сите надлежни инспекции, пазарна, санитарна, инспекторат за животна средина, трудов инспектор, инспектор за безбедност, финансова инспекција, со барање веднаш да се постапи, да се даде решение за забрана за вршење на дејност и да се казнат узурпаторите, а државното земјиште да се ослободи од нив.

Во интерес на камперите и љубителите на природата, автокампот Крани да се врати во сопственост на државата, истиот да се реновира и да се овозможат сите пропишани услови за безбеден и пријатен престој на камперите во него.