Шолц повика Македонците да го прифатат предлогот кој ништо не гарантира

Во отворено писмо до македонската јавност, германскиот канцелар Олаф Шолц повика да се прифати европскиот компромис за спорот со Бугарија и земјата да ги започне преговорите со ЕУ.

Во отвореното писмо до граѓаните, Шолц порачува дека ги разбира и споделува фрустрациите, но тврди дека Германија сака Македонија да стане членка на ЕУ. Ова писмо потсети на посетата на Меркел пред референдумот кога го менуваа името, и тогаш од германскиот Kанцелар добивме ветување за отпочнување на преговорите со ЕУ, како и многу други ветувања кои никогаш не се остварија.

„Вашата земја повторно се соочува со носење на една многу важна одлука: Дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, конечно може да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата.“

Шолц во писмото неколку пати вели како ги разбира Македонците и сето тоа што тие го трпат како загуби заради барањата на ЕУ, но сепак смета дека и покрај тоа што македонскиот народ ќе загуби се’ што има, треба да го прифати овој предлог зошто ќе се отвори патот кон ЕУ.

„Јас ги разбирам Вашата нестрпливост и Вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со Вас! Јас Ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам Вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ.“

Дополнително Канцеларот уште еднаш потврди дека дури и да го прифатиме предлогот, патот до целосна интеграција нема да биде лесен. Ова значи дека предлогот апсолутно ништо не гарантира, но, затоа Шолц изразува љубов и морализира. Дополнително, тој најави дека ќе има нови задачи кои претстојат, ама заедно ќе сме ги совладале, веројатно повторно врз грбот на Македонија.

„Сакам да бидам сосема искрен со Вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија!“

Шолц кажа дека ги сака Македонците во ЕУ каде се чуваат нашите јазици, идентитети и култури, веројатно заборавајќи дека избугарените европски барања се токму тоа, да станеме дел од ЕУ, ама со туѓ јазик (дијалект), историја и култура. Но, и тоа е неважно, важно е да се сакаме!

„Ние Ве сакаме Вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни.“

Oтвореното писмо германскиот Канцелар го завршува со истакнување дека тие ќе останат на наша страна (веројатно мисли на страната на актуелната власт, зошто во ова писмо ја подржува идејата на власта, а не на народот), секогаш кога си ги продаваме националните вредности, но не заборави да истакне дека секој компромис е тежок, дури и кога загуби трпи некоја трета држава. Веројатно на канвеларот би било уште потешко, доколку вакви загуби трпи неговата држава.

„Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни. Ние сме и ќе останеме на Ваша страна.“

За крај, она што секој Македонец го интересира е дали Шолц како Канцелар би ги прифатил сите овие предуслови за членство во меѓународна организација, кои колективната ЕУ и ги поставува на Македонија, доколку стануваше збор за неговата земја?