Во Македонија има предиспозиции да се прогласи банкрот
- Фејсбук статус на Горан Лазаревски
Денес во Шри Ланка толпа гладни луѓе ја заземаа претседателската палата, додека Претседателот е во бегство. Пред 2 месеци пратеник од владејачкото мнозинство, нападнат од толпа протестирачи, застрела еден, а рани двајца, по што се самоуби. Над 50-тина домови на политичари беа запалени.
Ова е епилогот на економската и социјална криза што ја зафати државата, откако прогласи банкрот во мај. Ако мислите дека ова е нешто изолирано, гадно се лажете. Совршена бура и економско цунами им се закануваат на земјите во развој. Шри Ланка е само прва од многуте примери што ќе следат во наредниов период како последица на глобалните економски прилики.
На кратко: Како што централната банка на САД (а наскоро и ЕЦБ) продолжува да ги зголемува каматните стапки, така расте цената на надворешниот долг, што најтешко ќе ги погоди земјите кои претежно позајмуваат во странски валути, особено долари. Зголемените надворешни каматни стапки исто така предизвикуваат одлив на капитал, што во зависност од валутниот режим, резултира или со зголемен притисок врз девизните резерви, или со девалвација на валутата, што директно го поскапува увозот и ја зголемува инфлацијата.
Понатаму, поради санкциите на Западот врз Русија, цената на ѓубривата, житото, металните суровини и енергенсите уште повеќе ќе се зголемува. Тоа значи дека сите земји кои се увозно зависни од овие продукти ќе се соочат од една страна со значително зголемена потреба за девизи за да платат за нив, а од друга страна со намалени приходи од извоз, туризам и дознаки од странство, делумно поради афтер-ефектите од ковид, а делумно поради економската криза и рецесијата што претстои.
Ова значи дека драстично зголемената потреба за девизи за покривање на увозот ќе мора да се задоволи со уште поголемо задолжување на странските пазари по уште поголеми каматни стапки, под уште понеповолен девизен курс. Со еден збор – должничка спирала, која кога тогаш ќе резултира со банкрот.
Е сега, каде е Македонија во сево ова? Во една мошне незавидна позиција.
1.Нашиот бруто-надворешен долг изнесува дури 81% од БДП (2021), зголемен од 72% пред Ковид-кризата . За споредба, кога Шри Ланка банкротираше, кај нив изнесуваше 60%, додека средната вредност за земји со ист кредитен рејтинг (BB) како нашиот е 45% од БДП.
2.Нето-надворешниот долг изнесува 28.5%, додека средната вредност за слични земји е 10%.
3.Трговскиот дефицит е исто така висок (-4.2% од БДП). На Шри Ланка во 2021 тој изнесуваше -3.2%, додека за земјите од нашата група -2.7% од БДП.
4.Структурата на нашиот увоз е таква што ќе бидеме директно погодени од глобалниот ценовен шок, резултат на руските санкции. Во топ 5 увозни продукти спаѓаат: метални суровини (13%), горива (8%) и челик (5%). Додека покриеноста на увозот со извоз на прехрамбени продукти е 70%.
5.Дури 67% од нашиот надворешен јавен долг е кон приватни кредитори (2019), додека кај Шри Ланка тој процент беше 47%, непосредно пред банкротот. Овој фактор ја зголемува неодджливоста на долгот, бидејќи по правило долгот кон приватни кредитори има пократки рокови на исплата, што значи попроменливи и повисоки каматни стапки.
6.Имаме доволно девизни резерви да покриеме 4 месеци увоз, што е исто така пониско од просекот за земјите од нашата категорија (=4.4).
Сево ова значи дека Македонија ги има сите предиспозиции за многу кратко време должничкиот проблем да стане од лош – полош. А кога ситуацијата ќе излезе од контрола несомнено ќе се решава со задолжување кај меѓународни институции – заеми кои ќе бидат условени со штедење, буџетски кратења, отпуштања итн. За првиот веќе аплицираа кај ММФ во април. Грција 2.0. Држ’те се убаво, 2022-23 ќе биде ’весело’.