АктуелноЛокалноСтав

Реџеп Исмаил: Бујар Османи работи против интересите на македонската нација

Пишува: Реџеп Исмаил – член на Презедиумот на политичката партија Левица

Бујар Османи, Министер за надворешни работи на Македонија, кој доаѓа од партија која вршеше терористички напади над македонските безбедносни сили, со изговорот дека Албанците во Македонија биле обесправени, иако – за разлика од Македонците во Бугарија – тие ги имаа сите права загарантирани со конвенции во ОН.

Крајно лицемерно и нечовечки е Бујар Османи да НЕ се заложи за добивање на истите тие права на Македонците во Бугарија какви што Албанците ги уживаат тука, во Македонија. Дотолку повеќе што, Бугарија (заедно со Албанија) беше земја – сојузник на Хитлер, поразена во Втората светска војна, од тој аспект, далеку пооправдана е историски и морално-етичката позиција на македонскиот народ во Бугарија, отколку на албанскиот во Македонија.

Ама не, Бујар Османи не сака да се заложи Македонците во Бугарија да добијат ни основни права. Тој, во својот анти-македонизам дури оди два чекори напред, во име на македонскиот народ, потпишувајќи дека Македонија нема малцинство во Бугарија и дека македонското малцинство во Албанија е всушност Бугарско.

Бујар Османи, најден во небрано и притеснет од здравата свест, основен морал и личен интегритет, се врти кон стариот добар алат за кршење на отпорот против империјалистичките и анти-македонски тенденции во Македонија, а тоа се меѓу-етничките тензии.

Не знам дали Бујар со тоа се закани или предупреди, но, сеедно, затоа што меѓуетничките тензии се хранети со дезинтегративни политики и анти-македонски наратив на албанските партии (без исклучок сите албански партии), што впрочем е причина зошто се уште ги има и бдеат како опасност.

Да шоку Бујар, може да има меѓуетнички тензии, но, тоа ќе биде само поради тоа што вие продолжувате Македонија и македонскиот народ да ги користите како дел од инструментот за задоволување на империјалистичките намери и апетити на НАТО блокот; и понатаму се продолжува со истата пракса како и до сега – секоја политичка одлука на македонскиот народ која не одговара и не се вклопува во агендата за експанзија на албанскиот национализам на балканот, ја третирате како „прашање за правата на Албанците“?!

Ако од национален интерес на Албанците е да бидат дел од ЕУ и НАТО, не може тоа да биде по секоја цена наметнато и на Македонците. А ти, не само што сакаш да го наметнеш тоа, туку и учествуваш во анти-македонските дејствија и намери на трети страни – претходно Грција, сега Бугарија.

Зарем не е, пред се НЕ-КОМШИСКИ и крајно НЕПРИЈАТЕЛСКИ, токму ти да се залагаш за, и во име на целиот македонски народ да декларираш дека:

  • Во Бугарија нема Македонци;
  • Македонците во Албанија се Бугари;
  • Македонскиот јазик е бугарско наречје и тој нема континуум од пред неговото кодифицирање;
  • Дека илинденците се Бугари;
  • Дека дејанијата и делата од областа на образованието и културата што имаат содржина која на Бугарија не и се доапаѓа, ќе мора да се менуваат;
  • Дека ќе треба да направиме „декомунизација“ на македонското општество, што е само маска за откинување на силните врски кои ги имаат македонскиот и српскиот народ;
  • Дека учебниците, образованието и знаменитостите ќе мора да се по терк на „протоколот“, односно Договорот за добрососедство и истите ќе бидат под испекциски надзор на секоја година, преку институцијата дефинирана во Предлогот како „годишни прегледи“;

Нели бе Бујар малку е срамота, омаловажувачки и навредливо е ти да одлучуваш за тоа што Македонците мислат, смеат и како се себе-дефинираат во однос на Бугарите?! Уште па и ти покажуваш такво недостоинство што застануваш на другата страна, на негаторската страна кон македонскиот народ?!

Пластично Бујар ти го правиш следново:

Седиш ти така касно во ноќта на тераса и пушиш тутун после метафизичко насладување од поезијата нa Наим Фрашери, и здогледуваш крадец кој дошол пред портите на комшијата. Се шутка крадецот лево десно, не може дупка да најде за да влезе, а ти, така лабаво, му даваш знак сугерирајќи му во која саксија се наоѓа клучот!