Професорот Цуцуловски предупредува на медиумската манипулација и релативизирање во однос на францускиот предлог!
На својот фејсбук профил, професорот Цуцуловски, осврнуваќи се на искажаните ставови и коментари на новинарот Зоран Иванов, познат по апологијата на власта, дадени во емисија на „Анализа“ емитувана на ТВ 24 – како што забележува и професорот – неразделна компонента од сегашнава власт, истакна дека разговорите со Софија треба веднаш да бидат прекинати.
Подолу, во целост ви го пренесуваме фејсбук постот на професор на Филозофскиот факултет – Скопје, македонски филозоф, писател, есеист и теоретичар, Лјубомир Цуцуловски.
КОМПРОМИС? Во синоќешната емисија „Анализа“ на Телевизија 24 Зоран Иванов, неразделна компонента од сегашнава власт, ги форсираше (помеѓу другите) следниве тези.
(1) И бугарските политичари биле незадоволни од Францускиот предлог. Нека е и така, макар што мислам дек не е баш така. Сепак, и да е така, од тоа што некој не е задоволен од нечиј предлог не следи дека некој друг (во случајов Македонија) треба да го прифати само затоа што другата страна (бугарската) е незадоволна од предложеното, бидејќи прифаќањето/отфрлањето на нешто не треба да зависи од расположението или задоволството/незадоволството на другиот, туку од тоа дали предложеното одговора/кореспондира со суштинските интереси на тој што го прифаќа. Во случајов. тоа се Македонија и нејзиниот народ.
(2) Предлогот бил, убедуваше Иванов, компромис, неводејќи сметка дека за компромис може да се говори само тогаш кога постојат две страни, кои едната од другата бараат одредени отстапки или си поставуваат меѓусебни услови. Меѓутоа, што Македонија бара од Бугарија, па да се согласи на отстапки, сфатени како компромис, особено ако отстапките се скандалозни и самоубиствени? Ако Македонија нешто бара, тогаш бара датум (или што е веќе тоа) за влез во ЕУ. Тоа значи дека Македонија ништо не бара од Бугарија, туку ако нешто бара, тогаш бара од ЕУ. Според тоа, нема што да преговара или да прави отстапки/компромиси со Бугарија.
Во ваква ситуација (во која Бугарија или која било друга земја секој миг можат да го сопрат започнатиот процес) разговорите треба веднаш да бидат прекинати, бидејќи она од кое Македонија ќе се откаже (или на кое ќе се согласи) останува неповратно. На тоа упатува досегашното искуство, како што е Договорот од Нивици, на пример.