Левица: ДУИ е симбол на насилство – и заменик директорот Блерим Исеини е назначен незаконски
Со секој одминат ден на власт на насилничката и криминална гарнитура од ДУИ, Македонија е се подалеку од европската агенда за демократија и владеење на правото.
После вчерашното насилство на Арбер Адеми, кој единствено е познат по незаконското унапредување за доцент, како и отворените македонофобни закани на секретарот во Министерството за култура, Велмир Азири, обзнануваме уште еден скандал поврзан со незаконско назначување на заменик директор од ДУИ.
Имено, Заменик – директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Блерим Исеини – кадар на ДУИ кој на тоа место е поставен од страна на Собранието, не ги исполнува условите предвидени за оваа функција.
Иако законот предвидува дека за оваа позиција може да се назначи лице со освоени 300 кредити од областа на правните науки, Блерим Исеини скандалозно е назначен за заменик-директор со завршен факултет за новинарство во Тирана.
Ова е само еден од низата скандали, кои се секојдневие во владеењето на милениците на странската дипломатија, односно ДУИ, без чија странска активна логистика и поддршка, оваа гарнитура немаше да опстои 20 години на власт.
Всушност, целосниот молк и немањето осуда од меѓународната заедница за вчерашните инциденти во Собрание говори дека ДУИ единствено опстојува на власт поради своите тесни врски со странскиот фактор.
Самоволието на ДУИ, партија која активно го сквернави и уназадува владеењето на правото, за чии испади, инциденти и криминали нема последици, бидејќи се под заштита на претставниците од “меѓународната заедница” – мора да прекине и да му се стави крај, затоа што присуството на ДУИ во власта ја вкоренува корупцијата како составен дел од системот.
Му порачуваме на македонофобот Велмир Азири дека неговите повици за тепање и агресија веќе немаат ефект кај сиромашните Албанци, кои 20 години се принудени масовно да се иселуваат, додека функционерите на ДУИ криминално го зголемуваат своето богатство.
Продавањето национал-шовинизам и ширењето страв од ДУИ веќе е излитена идеја на која ѝ помина времето.