АктуелноЛокално

Левица: Касапница на шумата на планината Јакупица

  • Реакција на Левица – Зелен сектор

Ја информираме македонската јавност дека во изминатите денови уште пожестоко продолжи претходно започнатата масовна легална сеча на шумите на планината Јакупица во непосредна близина на селата Папрадиште и Ореше, во Општина Чашка.

Ова што го гледате на сликите и на краткото видео е зелена и жива шума, што до Петровден(средината на јули) ќе биде само сеќавање и катастрофална страница во историјата на македонските шуми.

Јакупица секојдневно губи илјадници кубни метри дрвна маса. Околината на пристапниот асфалтен пат кон село Папрадиште е буквално искасапена и претворена во ливада. Во следниот период површината на исечена шума во овој дел, неколкукратно ќе се зголеми.

Државата лицемерно молчи!!! А директен надлежен орган што стопанисува со дрвната маса во Македонија е Ј. П. Македонски шуми! Според нив, сечата во овој реон е легална, а ја извршува фирма што ги поседува сите законски документи за ваков вид гола сеча. Вакви масовни сечи се најавени на повеќе локации во следниот период Прашуваме:

-Кој има интерес од ваква брутална сеча? Кој дозволува ова да се случува?
-Кој треба да ги сопре налетите на безобразните концесионери?
-Каде ќе одат животните и птиците кои живеат на ова подрачје?
-Кој ќе ги сопре поројните дождови и ерозијата на земјиштето после уништувањето на шумата на која ќе и требаат повеќе децении за да дојде до физиолошка зрелост?
-Колку ќе се смени локалната клима со насилната радикална промена на постоечката еко средина ?
-Kолку ќе се намали количината на дождови и зголемување на сушните периоди?

Според последните податоци Македонија е број 7 држава во светoт и на 3 место во Европа со 85.5% планински појас на својата територија. Тоа е непроценливо природно богатство.
Но, власта преку своите експоненти спроведува континуирано,организирано, систематскo и легално уништување на природата.

Наместо да ги зајакне сопствените капацитети за организирана борба против шумската мафија и против растечкиот деструктивен елемент, државата во спрега со одредени структури им дозволува во иднина да претставувааат сериозна закана за најголем дел од планинскиот појас во Македонија.

Ова не смее да се дозволи по никоја цена и сечата на шумите треба строго да се контролира. Левица продолжува будно да ја следи состојбата на терен, и ќе продолжи да информира за секоја новонастаната состојба.