79 години од смрта на Димката Ангелов-Габерот
На денешен ден, 10 јуни 1943 година (пред 79 години) во борба со бугарскиот окупатор загина првоборецот Димката Ангелов-Габерот, една од најомилените историски личности во целиот тиквешки крај.
Роден е во с.Ваташа 1916 година. Учител по професија, кoj во 1936 г., смело и остро му се спротивставил на министерот за здравје и социјална политика Драгиша Цветковиќ на митингот во Кавадарци, бранејќи го угнетениот македонски селанец. По окупацијата бил секретар на Воениот и Месниот комитет на КП за Кавадарци, а во поч. на 1943 г. е назначен за политички комесар на штабот на Трета оперативна зона.
Во патризанскиот одред “Добри Даскалов“ ја врши функцијата политички комесар, а го координира и формирањето на гевгелискиот одред “Сава Михајлов“. Загина на 10 јуни 1943 г. кај месноста Клинска Леса во борба со бугарската војска заедно со соборците Ило Виларов, Пано Мударов и Стојан Крстев. До ден денеска на народот од Тиквешијата не му е јасно зошто Габерот не беше прогласен за народен херој, многу добро знаејќи дека тој тоа го заслужи. Во негова чест народот од овој крај го опеа во две народни песни кои и денес се пеат на сите свадби и веселби во Тиквешко.