АктуелноЛокалноНастани

Левица објави видео од масовниот протест во Битола

Политичката партија Левица која беше организатор на вчерашниот протест во Битола, објави свое видео од настанот. Настанот кој се одржа вчера беше од мирен карактер и присуствуваа околу 1.500 посетители.

На вчерашниот протест за слобода на Ламбе Алабаковски говори држеа портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ и претседателот на Црвена Младина, Марио Јанески.

,,Токму денес, сведоци сме како во Битола, во градот на Стив Наумов, Ѓорги Наумов, Таки Даскалот, Елпида Караманди, Тодор Ангелевски – народни херои кои ги положиле своите животи во борбата против фашистичкиот бугарски окупатор, власта предводена од СДС дозволи да биде отворен „културен клуб” со име на јавно прокламиран фашист.

Во истиот тој клуб на ѕидот виси цитат на Ванчо Михајлов во кој се вели дека македонската нација е измислена. Македонскиот народ не молчел кога бил под ропство, не молчел кога фашисти газеле по оваа земја – а нема да молчи ни сега!

Реакцијата на Ламбе е токму она што сите го мислиме за оживувањето на фашизмот во овој град и во Македонија. Ламбе е крик на македонската бунтовност и затоа бараме слобода за Ламбе!” – нагласи Јанески.

,,Македонија не била администрирана, туку окупирана и поробена под чизмата на бугарскиот фашистички окупатор. Како тогаш, така и сега, народот одбива да се потчини на фашистичката омраза, која усмртила многу македонски револуционери, како и чесни луѓе.

Годините на поѓубрување на почвата за да израсне витален фашистички сноп, ни ги отапе сетилата, за сега да рехабилитираат злосторници. Да го рехабилитираат најголемиот крвник на слободна Македонија, Ванчо Михајлов!

Затоа, КОГА, ако не сега? Кога помеѓу Скопје и Софија се преговара за македонскиот јазик!

Да живее Македонија!
Да живее Народно-ослободителната борба!
Да живее Георги Димитров и секој следен непријател на михајловизмот, зошто тој е пријател на Македонија.

Смрт за фашизмот, слобода на народот!” – додаде Мециновиќ.

Левица, со протестот потенцира три цели, и тоа:

  • Ослободителна пресуда за Ламбе Алабаковски;
  • Кривично гонење на претседателот на клубот “Ванчо Михајлов” заради излагање на подбив на македонскиот народ;
  • Протестна нота за амбасадорот на Република Бугарија од страна на Министерството за надворешни работи поради континуирано негирање на македонскиот народ.