Создавањето на Нов Светски поредок

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Во моментов светот е сведок на рушење на стариот Светски поредок, и на неговите рушевини полека се гледаат темелите на новиот Светски поредок. Сведоци сме на егзестенцијален судир помеѓу Истокот и Западот. Стариот Светски поредок ја изгуби својата легитимност и хиерархија. Како и секој Светски поредок во минатото и Јалтинско-Постдамскиот Светски поредок ги исцрпа своите ресурси, и започна неговото демонтирање, пред се од страна на тие кои што го создадоа, и кои што уживаа во неговите бенефити. Како и многупати низ човековата историја, големите војни и воени судири водат кон создавање на Нов Светски поредок. Така е и во 21 век, и епидемијата на Ковид-19 и војната во Украина е катализатор на создавањето на Новиот Светски поредок. Светот влегува во нов турбулентен геополитички период кој што ќе трае од 15 до 20 години, во ера која што на прв план ја враќа воената сила и воената дипломатија, и создавање на повеќе регионални центри на моќ, околу кои што ќе се приклучуваат различни држави. Стариот баланс на силите е нарушен, и потребно е воспоставувње на нов баланс на силите во светот.

Јалтинско-Постдамскиот Светски поредок беше резултат на Втората Светска Војна. Во февруари 1945 година во Јалта беа удрени темелите на новиот Светски поредок, а во Постдам, во јули и август 1945 година беше потврдено создавањето на Новиот Светски поредок, новите светски институции, како и поделбата на светот на сфери на влијание. Пет држави победници, СССР, САД, Велика Британија, Кина и Франција тогаш се договорија за после воениот светски поредок и за поделба на светот на сфери на влијание. Покрај поразот и распадот на Германскиот рајх, Јапонската Империја, како и на Италија, значаен исход на Втората Светска Војна беше тајниот договор помеѓу САД и СССР за рушење на Британската и Француската империја. Бившите нивни колонии кои што добија независност, подпаднаа под сферите на влијание или на САД, или на СССР. На тој начин, САД и СССР создадоа буфер зони, за да ги избегнат можните директни судири и ескалации помеѓу себе.

После Втората Светска Војна беа создадени Организацијата на Обединетите Нации, Советот за Безбедност на ООН, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, како и редица други меѓународни институции во наредниот период. Водечка улога и доминација во најголем број од тие институции имаше САД. САД за свои цели и потреби ја создадоа ЕУ. На САД им е потребна слаба ЕУ, без своја надворешна и безбедносна политика, отколку силна и независна Германија која што како резултат на својата местоположба, економија, историја, би била водечка држава во Европа. Од 1945 до 1991 година светот беше биполарен, односно поделен помеѓу САД и СССР, плус Движењето на Неврзаните, каде што имаше држави кои што соработуваа или со САД, или со СССР.

Иако во 1991 година СССР се распадна, Јалтинско-Постдамскиот Светски поредок се зачува, и понатаму функционираше, иако САД останаа единствена супер сила во светот. САД тогаш се обидоа да создадат свој Светски поредок, но идејата не им успеа, како резултат на подемот на НР Кина, како и на огромниот нуклеарен и воен потенцијал на Русија. Обидот за создавање на неолиберален Светски поредок доживеа фијаско. Матрицата за национални држави која што трае 400 години и понатаму е водечка движечка сила во Светот, и тоа особено се покажа за време на пандемијата на Ковид-19. САД за да создадат свои Светски поредок, мора прво да го распуштат Советот за Безбедност на ООН, потоа да го уништат или неутрализираат воениот потенцијал на НР Кина и на Русија, како и преку мешање во внатрешните работи на НР Кина и Русија да предизвикаат нивна внатрешна дестабилизација.

Во статија за The Atlantic, авторот Кејси Мајкл жали што во почетокот на 90-тите години на XX век, Западот не ја искористил историската шанса за да ги уништи Русија и НР Кина, што би довело до нивно распаѓање, и САД во тој случај би владееле со светот. Мислењето на Кејси Мајкл го делат голем број од англосаксонската елита. Но проблемот е што тие не ја знаат историјата и не можат да разберат како функционираат Русија и НР Кина. Затоа сите походи на Западот против Истокот во последните 300 години завршувале неславно.

САД не случајно во последните две години започна отворена конфронтација и со НР Кина и со Русија. Знаејќи дека времето работи за НР Кина, САД се обидуваат да го искористат последниот прозорец на можности. За таа цел, САД, во својата нова Стратегија за Национална одбрана јасно и гласно изјавија дека главни непријатели на САД се НР Кина и Русија. И дека САД ќе мора да се бори на два фронта. За да го консолидира Западот и неговата моќ која што е во опаѓање, САД решија да ги искористат и жртвуваат Украина и Тајван. Знаејќи дека Украина е црвена линија за Русија, а Тајван за НР Кина, САД свесно ги предизвикаа и ги предизвикуваат Русија и НР Кина на акција. Бидејќи САД не се готови директно да војуваат со Русија и со НР Кина, а и како резултат на нивната одалеченост, и проблемот со логистиката за префрлување на воените сили, САД решија во Европа да ја воскреснат германската воена моќ, плус Полска, и да ги искористи како војници во евентуалниот воен конфликт против Русија. Во Азија, САД ја восреснуваат јапонската воена моќ и ја милитаризираат Јапонија, за да ја искористат како војник против НР Кина. Во Европа САД го консолидираат и расшируваат НАТО, а во Азија против НР Кина се создадени два сојуза, AUKUS и QUAD.

Светскиот поредок сеуште е во рацете на САД и на колективниот Запад. Но центарот на моќта и балансот на силите полека се сели во Азија. Азија веќе е економскиот и технолошкиот центар на светот, а полека Азија се претвора и во политички и воен центар. Каков ќе биде Новиот Светски поредок, зависи од исходот на судирот помеѓу САД и НР Кина во Југо-Источна Азија, како и исходот на војната во Украина. Се распаѓа светската глобализација и светот стапува во нова етапа на нови локални и регионални војни. Но едно е јасно, коцките се фрлени, Рубикон е поминат и враќање назад нема. Време е за нов светски поредок.