АктуелноЛокално

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно на лекција кај „стратешкиот партнер“ во САД

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ заедно отишле на учење во САД, соопштија од амбасадата на оваа држава. Имено, станува збор за Градоначалникот на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, новата портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, кои во моментов се наоѓаат на студискиот престој. 

Од амбасадата на САД во Македонија користејќи ја географската одредница „Северна“ претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои отидоа на лекција во нивната земја ги нарекоа нови ѕвезди на политичката сцена.

„Некои од новите ѕвезди на политиката во Северна Македонија моментално се во САД и учествуваат во програмата на Американскиот совет на млади политички лидери (ACYPL)“.

Тие, како што стои во објавата, присуствувале на состаноци одржани во Вашингтон и Њу Џерси за да научат повеќе за различни федерални држави, а во Вашингтон имале шанса да се сретнат со претставници од Американскиот совет за законодавна размена. 

Според информациите достапни за јавноста „новите ѕвезди на политичката сцена“ исто така го посетиле Претставничкиот дом на САД, Врховниот суд на САД и Националната асоцијација на јавни обвинители. Во Њу Џерси тие биле и во Генералното собрание на Њу Џерси, се сретнаа со комесарот на округот Морис.

„Следете го Американскиот совет на млади политички лидери за повеќе фотографии и детали од програмата“, стои во објавата од Амбасадата на САД.

Во обид да глумат различност, на една од фотографиите претставниците на ВМРО-ДПМНЕ се од едната страна, а на СДСМ од другата страна, како што пишува во текстот објавен од Фактор.мк „чисто поради баланс во САД на студиски престој“.