Ексклузивно од нуклеарната централа „Запорожје“ – нема никакви оштетувања или разрушувања, мирниот атом работи за доброто на човештвото
Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
На почетокот на март голем број на западни медиуми, како и на насловните страници на голем број западни печатени медиуми, беше објавена бомбастична вест дека на светот, а поточно на Европа, им се заканува нов Чернобил, како резултат на тоа што руската армија варварски и подмолно ја бомбардирала и оштетила нуклеарната централа „Запорожје“, која што е најголема и најмоќна нуклеарна централа во Европа. Беше објавено дека од нуклеарната централа започнало радиоактивно истекување и се појавија безброј информации со инструкции за луѓето ширум Европа што треба да прават во таков случај. Но јас со свои очи имав можност да се уверам дека тоа се лажни вести, дека се работи за обична пропаганда и дека нуклеарната централа „Запорожје“ е цела, дека нема никакви оштетувања или дека има радиоактивно истекување и истата работи нормално и произведува електрична енергија.
Како дел од четвртата прес тура на Министерството за одбрана на Руската Федерација, имав можност да ја посетам нуклеарната централа „Запорожје“, при што се уверив дека мирниот атом работи на доброто на човештвото, и произведува електрична енергија. Според Меѓународната агенција за атомска енергија, нуклеарната централа „Запорожје“ работи нормално, и на истата нема сериозни оштетувања или дефекти, и нема никакво радиоактивно истекување, или зголемување на нивото на радијација.
Нуклеарната централа „Запорожје“ е изградена во 1984 година, и се состои од шест нуклеарни блокови (шест VVER-1000 нуклеарни реактори, произведени од Ижорската фабрика, турбини K-1000-60 / 1500-2 “Турбоатом” и генератори TVV-1000-4 на здружението “Електросила”). Електричната моќност е MW 6000 MW. На 2 декември 2021 година, централата за прв пат во својата историја достигнала 100% од инсталираната моќност од 6040 MW. 22 декември 2021 година, централата поставила апсолутен рекорд на моќност од 6140 MW. Централата годишно произведува околу 40 милијарди kWh електрична енергија, што е една петтина од вкупното годишно производство на електрична енергија во Украина.
Нуклеарната централа „Запорожје“ се наоѓа во близина на градот Енергодар, во областа Запорожје, Украина. И нуклеарната централа и градот се наоѓаат на левиот брег на реката Днепар, на брегот кај акумулацијата Каховка. Енергодар е мал симпатичен град со околу 53 000 жители, град на науката, или како што го нарекуваат „град на мирниот атом“. Енергодар е град на нуклеарни научници, физичари и специјалисти, едни од најдобрите од оваа науката. Во и околу Енергодар немаше никакви знаци на војна или дека се водени борбени дејства. На чистите улици на градот имаше голем број на луѓе од различна возраст, како и во парковите каде што пензионери, млади родители шетаа со своите деца, некои се занимаваа со спортски активности, а на брегот на акумулацијата Каховка многумина се занимаваа со риболов.
Пред да се упатиме кон нуклеарната централа, од страна на оделот за безбедноста на централата, поточно на тим со специјализирано куче трагач, обучено да најде експлозив и оружје, беше проверен целиот наш багаж и опрема, што е нормална процедура при посетата на нуклеарни централи ширум светот. Возејќи се со автобусот пред нас во степите на Запорожје се пружи незаборавна гледка, силуетите на шесте нуклеарни блока на нуклеарната централа „Запорожје“, како и придружните објекти на централата. Човек не може да остане равнодушен при таква гледка, гледка која што ќе ја памети цел живот. Нуклеарната централа „Запорожје“ е еден од симболите на советската империја и наука, и истата била гордост на Советскиот Сојуз. Централата е симбол на понапредна цивилизација, која што градела такви импозантни објекти, која што успеала атомот да го скроти, да го претвори во мирен атом кој што му служи на човештвото.
На територијата на централата на сите странски новинари ни беше овозможено да прошетаме помеѓу главната зграда, центарот за управување и првите три нуклеарни бокови, да направиме разни репортажи, слики и видеа. Се работи за огромен објект по површина, со безброј згради, објекти, детаљи. Секој еден дел од централата, од блоковите каде се сместени нуклеарните реактори, па се до различни цевки, камиони, се означени со посебни броеви. Иако централата е огромна, немаше големо присуство на руски војници, но и без тоа беше видливо дека целата територија на централата е обезбедена на високо ниво. На територијата на централата има безброј видови на дрвја, делови со цвекиња и трева, како и објекти за одмор и релаксација на вработените. Во близина на централата се наоѓа и центарот за обука, каде што 2 училници се здобиле со помали оштетувања, кога руската армија воспоставувала контрола над нуклеарната централа. Но, тие оштетувања се незначителни и не предизвикале никакви оштетувања на нуклеарните блокови, и на критично важната инфраструктура на самата нуклеарна централа и на никој начин не влијаат на работата на нуклеарната централа.
Пред главниот влез во нуклеарната централа „Запорожје“ за нас, странските новинари, беше оддржан краток брифинг од страна на вработени во централата, руски генерал одговорен за безбедноста на централата, како и новиот градоначалник на Енергодар, Андреј Шевчик. Вработените во нуклеарната централа изјавија дека „нуклеарната централа работи нормално, дека нема никакви дефекти и оштетувања на централата и на критичната инфраструктура, дека сите технолошки процеси се одвиваат нормално, и нуклеарната централа произведува и испорачува електрична енергија на територијата на Украина.“ Генералот на руската армија сосема накратко во воен стил изјави дека „безбедноста на нуклеарната централа е на највисоко ниво, нема никакво радиактивно истекување, нуклеарната централа работи нормално. Ние се грижиме за нејзината безбедност“.
Андреј Шевчик, новиот градоначалник на Енергодар изјави „Како што можете да видите нуклеарната централа работи нормално и ја снабдува Украина со енергија, колку и да звучи чудно, без оглед на конфликтот меѓу Русија и Украина. До неодамна јас самиот работев на нуклеарната централа и сум запознаен со сите производствени процеси. Во централата во моментот работат 3.000 работници, нуклеарни научници, физичари и други разни специјалисти.
Сите процеси се одвиваат нормално. Некои од вработените и експертите кои што во март ја напуштија нуклеарната централа, постојано ме контактираат и голем дел од нив веќе се вратија назад во Енергодар и на своите работни места. Во нуклеарната централа во моментов има и експерти од Росатом, од Русија, кои што ни помагаат во работата на нуклеарната централа. Во последните неколку Украина ја користеше нуклерната централа на границите на нејзините можности и работеа сите шест нуклеарни реактори, што е спротивно на препораките, поради тоа денес два нуклеарни реактори се сервисираат и се надвор од употреба, а останатите четири работат нормално. Како што можете да видите, мирниот атом работи во корист на човештвото.“
Сите странски новинари, меѓу кои и новинари од западни држави, имавме можност да се увериме дека тврдењата на голем број западни медиуми дека централата е оштетена и дека има радиоактивно истекување се лажни и се дел од пропагандата во воено време. Ваквите лажни вести се опасни, бидејќи се работи за нуклеарна централа, која што е најголема и најмоќна во Европа. Сеењето на страв и паника помеѓу луѓето во Европа се со цел креирање на јавно мислење на крајот нема да доведе до ништо добро, за сите страни во овој конфликт.