Либерализмот е шминка која ја легитимира постоечката состојба
- Фејсбук статус на Гораст Муратовски – Член на Президиумот на Левица.
Либерализмот во овој стадиум е болест на умот, бледа копија на самиот себеси. Пародија на онаа идеја која ги разби монархиите и нивното „божјо право” да владеат врз „рајата”, која вдахна напредок во човековата мисла и дело.
Сега служи само да ја шминка и легитимира постоечката состојба. Суштинската критика стана за либерализмот одамна излишна и се замени со фразеологија, еуфемизми и неодредени цели. Само голо констатирање на (дел од) симптомите без храброст да се дијагностицира болеста. Индивидуалистичка жртва на вистината пред алтарот на личниот комфорт и непосредното „тапшање по рамо”.
Догматското поимање за стварноста кое сега владее со умовите на либералите најмногу може да се забележи во нивната неможност да оперираат со било каква суштинска градација и издвојување на приоритети. Па така, верски симбол се изедначува со симбол на терористичка организација, а главно политичко барање е поставување на нови канти за отпадоци, нов паркинг простор или нешто од слична важност.
Врв на интелектуална и морална импотенција, која на старата изрека „наведната глава сабја не ја сече” и дава ново квази-идеолошко руво.