Отвореноста кон уметниците ќе ми биде приоритет
- Интервју со директорот на Културно-информативниот центар – Скопје, Антонио Димитров, објавено во СКОПЈЕ КУЛТ – првиот скопски електронски културен магазин
СК: Културно-информативниот центар – Скопје би требало да биде едно од главните јадра на културните случувања во главниот град. Како Вие, од неодамна како прв човек на институцијата, го замислувате идното функционирање на КИЦ?
– Со обновена, зголемена, освежена и строго конципирана програма, креирана по светски стандарди. Програма што ќе ја потенцира поддршката на локалната сцена, но сериозно ќе се посвети и на меѓународното вмрежување преку контактите што ги имам остварено низ годините на интернационалната сцена. Преку враќање на старата публика во галериите и концертните сали, која како да изгуби надеж дека работите ќе се вратат по „старо“, но и преку создавање нова публика, приспособувајќи се на потребите на младите. Отвореноста кон уметниците ќе биде приоритет во функционирањето, бидејќи институциите се тука за нив, а не обратно, ниту пак се простор за сервирање одредени партиски политики. Исто така, ќе биде збогатен и обемот на дејностите, со вклучување нови аспекти во уметноста. Иако во оваа пригода не би сакал да се осврнувам на проблемите со кои се соочуваме на локалната културна сцена, морам да потенцирам дека ситуацијата со установите, генерално, е благо очајна, почнувајќи од нивната физичка состојба, финансирањето, заинтересираноста на публиката, интервенциите во културата од централната власт итн. Така што, ќе има доста за работа, свесен сум во што се впуштам, но влегувам во ова со нескриен ентузијазам и волја за промени.
СК: Сметате ли дека темпото на продуцирање и организација на настани треба да се зголеми и дали е потребно некои настани што се традиционални за КИЦ да добијат нови формати?
– Апсолутно. Еден од првите чекори што ќе ги преземам во раководењето на културниот центар е зголемување на обемот, односно редовноста на настаните во тековните програми (литература, музика, ликовна/изложби), но и воведување можност за филмски проекции, театарски мини-претстави, „саунд арт“ настапи и сл. Впрочем, таа редовност, обемот и квалитетот на програмите се некои од основите причини зошто оваа установа беше во своевидна хибернација и малку подзаборавена од публиката. Традиционалните манифестации ќе добијат посериозен, освежен концепт и зголемен формат, во согласност со моите визии за тоа како треба да изгледа еден современ фестивал и, секако, во согласност со буџетот одобрен во почетокот на оваа година, кој и не е многу сјаен во овие кризни времиња. Годинава установата, како една од најстарите културни установи на градот, го слави својот 55-годишен јубилеј, па по тој повод ќе организираме серија настани, меѓу кои би ја издвоил изложбата на која ќе биде изложена нашата уметничка колекција, која морам да признаам е доста сериозна, плакати за минати настани печатени во графичкото студио, каталози, разни артефакти…
СК: И покрај пандемијата, лани се одржаа двете поголеми манифестации на КИЦ, „Скопје чита“ и „Звуците на чаршијата“. Ќе ги имаме ли и годинава и со какви новини?
– Секако. Покрај редовните активности, „Звуците на чаршијата“е носечката манифестација на установата, која можеби досега го немала заслужениот габарит. Затоа, оваа година манифестацијата ќе ја обликуваме во формат на неколкудневен концентриран фестивал на отворено, каде што ќе настапат актуелни и свежи локални, но и интернационални имиња. Друга манифестација е и мултимедијалната манифестација „Сите заедно, за сите поубаво“, каде што исто така ќе се обидеме да го дадеме својот максимум што се однесува до новите пристапи во уметноста. За следната веќе постојат планови да се зголеми обемот на програмата и со други настани, колонии, резиденции, интерактивни и звучни инсталации. Небото е лимит.
СК: Ќе направите ли преадаптација на некои простори во објектот, можеби летна сцена надвор од зградата, заживување на „Салон 19,19“…?
– Идеи има многу, но не сум сигурен колку е сега моментот тие да се откријат, бидејќи станува збор за еден подолгорочен концепт. Летна сцена во Култ-паркот, односно паркот пред самата зграда на Културно-информативниот центар, секако, е во план и ќе се користи за веќе закажани настани во летниот период, а секако и терасата, односно покривот на самата зграда, кој е еден извонреден и неискористен простор. „Салон 19,19“, пак, во моментов е една од најакустичните сали во градот (веројатно и во државата) и единствена сала со две пијана, потенцијал што долго време е неискористен. Заживување е секако еден од приоритетите, а можностите на овој простор се неограничени. Во план е активирање и на графичкото студио, за разни типови работилници и школи. Тука е и продажниот салон, кој е единствен од овој тип во државата. Сепак, станува збор за една комплексна установа, градена по сериозни стандарди, чии потенцијали се огромни, а ќе се вложам целосно тие да бидат правилно искористени.
СК: Ако се знае дека животот на една институција се луѓето што ја сочинуваат, колку е важно да се имаат професионалци во своите редови што имаат можности, знаење, креативност и љубов да ја работат својата работа?
– Веројатно тимот, посветеноста и атмосферата за работа се најважните аспекти во работата на институцијата. И покрај исполнувањето на овие аспекти, за кои немам забелешки, имаме еден мал проблем, а тоа е дека четвртина од екипата што работи заминува во пензија, што значи остануваме без искуството и меморијата на установата. Проблемот со вработувањето е можеби најгорливиот проблем со кој се соочив кога дојдов во установата, па затоа ќе ја искористам оваа пригода да апелирам до Градот и пред сѐ до централната власт и Министерството за финансии да се ангажираат околу наоѓање решение за овој горлив проблем, доколку сакаме овие установи воопшто да продолжат да постојат. Во спротивно, постои сериозна можност некои од културните центри пополека да згаснат!
СК: Публиката е најгорливиот проблем на културните институции, како да се дојде до побројна публика и да се регрутира нова, постои ли формула за тоа?
– Секако дека има. Редовна културна продукција, отвореност на институциите, културна едукација, соработка со медиумите и медиумска застапеност на културни содржини, создавање заинтересирана публика, соработки со училиштата, евтини билети за сoцијално загрозени групи… Кај нас овој проблем се амплифицира со тоа што во културната продукција и работата на установите немаме континуитет, па некои од нив воопшто не функционираат или се затворени за уметниците, но и за публиката. Раководството што е поставено не ја разбира проблематиката или, пак, е поставено за спроведување за одредени политички агенди. Сето тоа очигледно се манифестира и врз публиката. Од друга страна, застарената понуда на установите е можеби главниот проблем што придонесува за отпор на публиката за посета на збиднувањата. Со застарена понуда и пристап, денес едноставно не можете да ѝ се приближите на младата публика, која има свои потреби и замисли за културата. Со освежување на пристапот, настаните и инкорпорирање современи текови во културата, можеби и ќе успееме да ја придобиеме младата публика, која треба да биде основата на новата културна сцена. По ова прашање може да имаме широк спектар проблеми, како на пример: хиперполитизираноста и поделеноста во општеството, „енџиоизацијата“ на културата, погрешните културни политики од централната власт, претераната дигитализација и користењето на интернетот во сите пори на животот и, конечно, некаков евентуален повторен бран на укинување на уставно загарантираните права на слобода и движење, како што беше случај во изминатите веќе три години. Сѐ друго е решливо и, со добра волја и ентузијазам, може да се надмине. Впрочем, изминатите две декади од работата на една од нашите културни установи, мислам на МКЦ, со конкретен пример го покажаа тоа.
СК: Ликовната и книжевната дејност некако се во фокусот на КИЦ, но не сметате ли дека треба да се прошири неговата активност и на филмот, театарот, музиката…?
– Во дигиталната доба не можете да водите културен центар, а да не ви е вклучен филмскиот/видеоарт-аспектот. Затоа, првата новина што е во план да ја реализирам од аспект на капиталните инвестиции е отворање можност за продукција во рамките на филмската дејност. Друг аспект е и отворањето можност за настапи на експериментални/амбиентални/електроакустични артисти, односно „саунд арт“, што досега беше можност само на настаните на отворено, а отсега и во рамките на самиот „Салон 19,19“. Класичната музика и камерните концерти ќе продолжат да бидат застапени. Слично е и со алтернативниот, вонинституционален театар. Салонот е сосема погоден и опремен за мали, независни и експериментални театарски групи, останува само да се збогати програмата со таква понуда.
СК: И за крај, издавањето на магазинот „Скопје култ“ е можеби првата нова и свежа активност на КИЦ по подолго време. Се согласувате ли дека еден главен град не смее да си дозволи да нема барем едно вакво гласило, кое ќе биде своевиден водич низ случувањата во градот?
– Јас не познавам друг град освен Скопје што нема културен градски информатор. Всушност, во самиот назив на оваа градска установа, покрај културниот, е и информативниот карактер, па постоењето на еден културен и градски информатор беше приоритет. Токму затоа, драго ми е што како прв конкретен проект со кој го започнувам раководењето на овој културен центар е токму „Скопје култ“, со кој, верувам, ќе се збогати културно-информативната понуда на градот и барем делумно ќе се пополни недостигот од медиуми што се занимаваат со културната проблематика.