МНР повторно протерува руски дипломати
Министерството за надворешни работи денеска прогласи уште шест вработени во Руската амбасада во Скопје за „persona non grata“. Според правилата тие имаат рок од пет дена да ја напуштат земјата.
„Денес во просториите на Министерството за надворешни работи беше повикан Амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин, кому му беше врачена дипломатска нота, со која шестмина дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје се посочени како непожелни во државата или персона нон грата.“
Од МНР велат дека овие шесте руски дипломати извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи. За ова тие добиле информации од надлежните органи, но докази за ова нема споделено во јавноста.
„Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Македонија во наредните пет дена“, – соопштија од МНР.
Претходно на 28-ми март, МНР протера пет руски дипломати, еден месец по почетокот на воената интервенција во Украина. Во изминатите неколку години нашето Министерство речиси континуирано протерува руски дипломати.
Русија на 7 март ја стави Македонија на листата со земји кои преземаат непријателски дејствија кон Русија. По ваквата одлука на Министерството, прашањето кое треба да се постави е: Дали овој потег на нашето МНР само ја оправдува одлуката на Руската Федерација?