За учителцките работи

  • Пишува Жаклина Свеќаровска, Координатор на Левица – Сектор образование.

Во очи на најавениот штрајк на воспитно- образовните работници и со надеж за успех, а не како рекапитулар на причините за неуспехот го позајмив насловот под кој Мисирков ги собрал своите анализи во врска со причините поради кои Илинденското востание не довело до исполнување на заложбата за создавање македонска република. 

Штрајкот е последното средство кон кое прибегнуваат синдикатите. Штрајк почнува во моментот кога ќе згасне секаква надеж за остварување социјален дијалог. Изјавите, поточно заканите на вицепремиерот Битиќи со заменски наставници, како и образложението на Ковачевски дека воспитно- образовните работници мораат да си ги трпат неправдата и сиромаштијата бидејќи во спротивно ќе се зголемела инфлацијата се јасен показател дека социјалниот дијалог не само што е исцрпен, туку власта одбива воопшто да го воспостави. 

Но, какви се состојбите во овој сектор и како воопшто се стигна до таму?  Дали наставниците треба да се стрпат или веќе немаат сила да трпат?  

Воспитно-образовните работници се предмет на навреди и омаловажување веќе долги години. Револтот поради состојбите во училиштата и градинките, поради лошите образовни политики, поради партизацијата на училиштата итн. е насочен против нив. Небаре тие ги носат законите и ги кројат политиките и буџетите!, а не дека токму тие се први на удар на штетните образовни политики, на немањето соодветни, неретко ни основни средства за работа, на партиските комесари кои шерифуваат откако бидуваат назначени за директори по политички штабови, на награди и пофалби за подобни, место за работливи и способни. 

Години наназад разно-разни „експерти“ фрлаат дрвје и камења по образованието, а својот авторитет го црпат токму од звањата стекнати во рамки на образовниот систем. Тешко е да се сфати како со толку лоши учители се  образувале толку извонредни професионалци. Ем самоуки.  

Во име на хуманиот аспект на професијата, во име на благородноста, наставниците со години трпеа, се воздржуваа, изнесуваа од дома за да однесат во училиште, вложуваа сопствени средства за работа, отплаќаа кредити за лаптопи и печатачи, плаќаа бои и хартии, импровизираа наставни помагала и материјали, а сè со надеж дека конечно ќе тргне на подобро. Но, не тргна. Напротив- целосно застана и замре било каква искрена намера да се смени било што. Воспитно-образовните работници стигнаа до дереџе да не можат да се изборат за гола егзистенција. 

Колку е очајна и запоставена егзистенцијата на наставниците и колку е замрен било каков социјален дијалог говори фактот што последниот Колективен договор во оваа сфера е потпишан во далечната 2008 година, а платите се регулираат со спогодба. Последната таква спогодба е потпишана во 2019 година. Во таа спогодба најниската плата земена во БРУТО износ е 14.759 денара! И тоа е сè. Нема храна, нема патни трошоци или организиран превоз, нема К-15, нема работни униформи… Сите овие трошоци вработените ги изделуваат од споменатата плата.  Плус кредитите за неопходните лаптопи, со оглед на тоа што целата документација се води електронски. 

Каква е и која е улогата на синдикатот во целата оваа папазјанија е материјал за одделно разгледување, а не е ниту занемарлива, а уште помалку е позитивна.

Во меѓувреме битка се бие околу Законот за наставници и стручни соработници кој нема никаква друга смисла и цел освен да најде решение како без работа да бидат наградени неколцина партиски послушници со драстично повисоки плати без прецизен опис на компетенциите со кои што треба да се стекнат и институциите кои би требало тоа да го утврдат, односно со цел да се продлабочи партизацијата во образованието. 

Додека се подготвуваат за штрајк вработените во овој сектор со нескриен интерес следат кого тоа ќе ангажира Битиќи за замена на „непослушните“ работници, кои се дрзнале освен работа да бараат и плата и соодветни услови за работа затоа што факултетите кои образуваат наставници се речиси празни години наназад, па тешко се наоѓа кој да ги држи и редовните часови. Веќе никој нема време и пари што би ги инвестирал во студирање на факултет без да има било каква надеж дека ќе го ревалоризира вложеното. 

Разнебитувањето на образованието е резултат на долгогодишната пракса истото да биде третирано како ситна монета за поткусурување, а не како темел на здраво општество. 

Ако власта нема идеја што да прави, нека се консултира со своите партиски штабови кои со години наназад изнајдуваа разни креативни начини како во воспитно- образовните установи да потпикнат уште некој од „нашите“. Можеби и сега ќе имаат идеја како да се справат со проблемот. На крај на краиштата, коренот му е токму таму.  

Во меѓувреме нека даде отчет каде се и како се инвестирани над дваесет милиони евра со кои нè задолжи во име на квази-реформите на екс министерката Царовска!