АктуелноЛокално

Левица со отворено писмо до Министерот за здравство по повод денот на здравјето

  • Соопштение на Левица – Здравствен сектор.

Нема да критикуваме што претходниот Министер не успеал да сработи, туку сакаме да ве потсетиме што народот има законски право да го има. Да, и тоа токму на овој ден.

Во текот на пандемијата, луѓето не можеа да стигнат до специјалист. Овозможете им го тоа на граѓаните. „Мој термин” да биде надграден и да има што повеќе термини за сите оние што немале можност да одат на прегледи и задолжителни контроли. Долгите редици, долгите месеци за термини за оперативни зафати да им најдете решение. Директорите на државните клиники сериозно да размислат како да го активираат медицинскиот персонал. Потребно е добро менанџирање.

Има добро опремени клиники, но и такви на кои што им недостасува апаратура. Вие и Фондот за здравство треба да им овозможите непречно функционирање.

Дали сте ја разгледале позитивната листа на лекарства? Иако државното здравство никогаш не било поле на Вашиот интерес, сепак знаете дека постојат нови генерации лекови што им се потребни на болните и треба да им се достапни на истите.

Се надеваме дека нема да ја приватизирате Итната Медицинска Служба. Тоа го ветивте лично и јавно. Но, треба да сте свесни дека треба да се опреми таа ИМС, потребни се опремени возила, медицински кадар, како и да биде достапна на време за секој поединец!

Дали вашите советници Ве информирале дека немаме национални регистри, национални програми и национални фондови за сите болести што ги во Република Македонија? Редно е веќе државата организирано да пристапи кон овој проблем. Теба да најдете решение и за медицинските просторни капацитети. Ако веќе не се градат нови, старите треба да се обноват, а започнатите да се довршат.

Слушаме во клиниките се зголемени партиципациите за прегледи. Мислите ли дека тоа можат граѓаните да го поднесат? Мислите ли дека тоа е во ред и покрај тоа што секој поединец во државата плаќа здравствено осигурување, задолжително и без исклучоци?

Исто така на овој ден да Ве потсетиме да размислете за снабдувањето со лекови, особено за оние лекови за ретките болести.Бидејќи овие луѓе се маргинална група, а сепак не е мала и се оставени на милост и немилост.
Исто така, матичните лекари се со сериозни забелешки, на кои токму Вие треба да ги слушнете и да ги решите проблемите.

Да ве потсетиме да преброите колку и каде недостасуваат специјалисти во целата држава. Единствениот лек за тоа е да им овозможите на младите кадри специјализација, кои потоа ќе работат во државните установи.

Има уште да се набројува, ама тоа го оставаме до следната прилика. Никому не му е потребен Министер кој излегува по медиуми и на различни прашања дава нејасни одговори. Нам ни треба Министер кој има слух за здравствените проблеми на луѓето во Македонија, а при тоа ефикасно да ги реши истите.