Емил Ниами: Не сакам мојот јазик да биде толкуван во загради!

Емил Ниами, доктор на филолошки науки и славист, во пост на својот фејсбук профил, предупредуваќи дека т.н. француски предлог го загрозува постоењето на македонскиот јазик, подвлекува дека, утврдувањето и легитимирањето на јазикот во фусноти и загради, поготово кога тоа се прави од страна на „сомнителни лица“ претставува опасност и е недозволиво.

Подолу, во целост ви го пренесуваме постот на Ниами:

Сочувство во заграда

Велат дека отровот се чува во мали шишенца. Исто така и парфемите. Односно, ако размислам подобро сето она што е вредно, есенцијално, важно, што може да предизвика нешто големо е во мало пакување. Кога читам каков и да е текст (во поширока смисла на зборот), секогаш обрнувам внимание на она што е напишано во фуснотите или, пак, во заградите. Во научните текстови таму секогаш се наоѓа есенцијата на она што треба да се разбере, изворот од којшто се црпи информацијата, нештата што можат да го променат целото сфаќање, што имаат моќ теоријата да ја претворат во практика и истовремено да ја превртат од глава на нозе.

Знаеме сите дека кога потпишуваме каков било документ (договор за кредит, за користење услуги итн.) треба да се „заѕвериме“ во она што е напишано во фуснотите, во заградите, сето она што е со мали букви за кои ни се потребни очила. Доколку не го направиме тоа, секогаш се зезнуваме. И тогаш не е виновен другиот, ами ние, оти нѐ мрзело да прочитаме, да се информираме.

Така, можам да заклучам дека заградите не треба да се занемаруваат, да се сфаќаат како нешто безобидно што може да се тргне, да се пренебрегне, да не се сфати сериозно. Во заградите информацијата е прецизирана, таа е важечка, таа му дава дополнителна информација на текстот, со што сѐ станува појасно. За сите!

И сиов овој текст е напишан на јазикот (дијалектот /еве го како типичен пример во заграда/) кој не е јазик, и кој не е мој, јазик што јас не го зборувам, со кој не сум се родил, на кој не сонувам ниту кога спијам, ниту најаве.

Не, другари и другарки, не сакам да бидам објаснуван, прецизиран, конкретизиран, толкуван во загради. Не, дами и господа, не сакам мојот јазик да го утврдува и да го легитимира некој со сомнително минато, со криминална и негаторска сегашност, некој што си има зацртано со заградата да ми објасни дека јас не сум јас.

Јас немам срце, немам сила, немам трпение за вакво сочувство во заграда, со која на мртовецот му се посакуваат најдобри работи во задгробниот живот.