АктуелноЛокално

Левица: Битиќи со закани ќе го „решава“ драстичниот пад на животниот стандард на наставниците

  • Реакција на Левица – Сектор образование.

По сè погласните најави за генерален штрајк на сите воспитно-образовни установи, чии вработени се потпросечно платени и не успеваат да се носат со последиците на економската криза и повеќекратно золемените цени, се огласи вицепремиерот Битиќи. Но, место решение, тој ги „повампири“ заканите кои во 2015 година ги пласираше власта на ВМРО-ДПМНЕ преку небулозните заменски наставници.

Со изјавата, вицепремиерот Битиќи дополнително ја обезвредни работата на наставниците и ја сведе воспитно-образовната дејност на обично згрижување деца, а законски загарантираното ПРАВО НА ШТРАЈК го банализираше и наставниците ги обвини за зголемување на маките на родителите (?!).

Очигледно е дека се прави обид за дефокусирање од проблемот и дека образованието не е приоритет ниту на оваа влада. Кога работат, воспитувачите бидуваат обвинувани за неработење, но кога ќе се заканат дека ќе прекинат со работа, одеднаш станува видлив ефектот од нивната работа, па не се избираат средства и начин за вршење притисок.

Реториката е секогаш иста, нема пари, земјата е во економска и енергетска криза итн, итн. Но, од друга страна, кризата не ја спречи Владата да доделува средства на приватен верски факултет, ниту пак ја спречува во луксузирањата и дополнителното преполнување на (и без тоа) гломазната администрација.

Дали Владата смета дека економската криза треба да ја почувствуваат само одредени професии од јавниот сектор преку дополнително осиромашување? Зарем вицепремиерот не знае дека токму поради несоодветниот третман, интересот за наставничката професија е толку опаднат што токму Владата (во чие име се заканува) со високи стипендии се обидува да привлече студенти на некои од наставничките факултети?

Со односот кон оваа фела и со вкупната негрижа за образованието наскоро нема да има кој да ги држи редовните часови, а не пак да се обезбеди замена за наставниците!

Левица ги поддржува барањата и заложбите на просветните работници за достоинствено вреднување на трудот.

Наместо да заплашува, власта треба да се плаши, затоа што ѝ се случува НАРОД!