АктуелноИнтернационално

Милитаризацијата произведува поголема несигурност!

  • Статус на Реџеп Исмаил Хактан, член на Президиум на Политичка партија Левица

Не можам да си поверувам како тоа мејнстрим медиумите и особено поединци од високите структури на нашата државната управа, преспиваjќи и тотално игнорираjќи го децениското милитаризирање на европскиот континент – кое се случи како резултат на експанзијата на воената алијанса НАТО – денес без тронка одговорност ги перпетуираат анти-руските наративи кои доаѓаат од Запад. Тие одненадеш станаа поагресивни и повеќе дрски во ширење на русофобијата дури и од самиот извор на таа приказна (наратив). И сето тоа во насока на оправдување на носителите на одлуките со кои де факто Македонија, игнорирајќи го својот државен интерес, завзема страна во конфликтот помеѓу Украина и Руската Федерација.

Но, она што денес го гледаме кај нас, веќе деценија наназад е случај со Европа, односно Брисел, каде се случува кулминација на процесот во нормализирање на милитаризмот и негово проширување дури и надвор од границите на воените доктрини.

Зарем толку брзо заборавија нашите експерти, учени во центрите на цивилизациска Европа, дека милитаризмот секогаш е на штета на социјалните, културните, и едукативно-научните програми, затоа што директно влијае во намалување на ресурсите за истите тие програми. Покрај ова, милитаризацијата уште и го попречува видикот во локален контекст и ги занемерува структурните причини за несигурноста.

Милитаризмот – како одговор на кризата – на овој начин ги засилува причините и последиците од кризите и создава нови несигурности, особено кај веќе маргинализираните групи. Милитаризацијата произведува поголема несигурност – и ваквата состојба е последно посолување на веќе приготвената воена ескалација на европско тло, но тоа очигледно никого од тие со политичка моќ и влијание не загрижува?!

Уште во 50-тите од 20-тиот век, Рајт Милс предупреди дека елитите на моќта ваквите издатоци за наоружување си ги сметаат за економски оправдани, па според тоа, понатаму ќе биде лесно таквите трошоци и политички да се оправдаат. И денеска го гледаме токму тоа. На иститиве овие елити на моќта, проширувањето на НАТО им обезбеди и продолжува да им овозможува легитимитет и оправданост за секое ново зголемување на воените буџети, и секако, отворање на новите пазари и тезги за воена трговија.