Името на Јуриј Гагарин избришано од Вселенската конференција затоа што бил Русин

Конференција на вселенската индустрија го отстрани од еден свој настан името на прославениот советски космонаут Јуриј Гагарин, првиот човек што отпатувал во вселената.

Непрофитната Спејс фондација со седиште во Колорадо објави во сега избришаната белешка дека „во контекст на актуелните светски настани“ на својата конференција Вселенски симпозиум ќе го смени името на настанот за собирање средства од „Ноќта на Јуриј“ во „Празнување на вселената: Откријте што е следно“.

„Фокусот на овој настан за собирање средства останува ист – да се слават човековите достигнувања во вселената и истовремено да се инспирира следната генерација да посегне по ѕвездите“, се забележува во избришаните белешки.

Ова е прилично сомнително покажување солидарност со украинскиот народ, вели Футуризам, особено ако се земе предвид дека Гагарин работеше за СССР, сосема поинаква земја од денешна Русија. А шлагот на тортата? Украина, всушност, се чини дека го обожава Гагарин и неговото монументално достигнување.

Бришењето на името на првата личност што некогаш полетала во вселената додека наводно се слават „човековите достигнувања во вселената“ е доволно лошо, вели њујоршки Футуризам, но тоа да се прави како дел од трендот на отфрлање на сите работи од Русија, вклучително и познати композитори и прехранбени производи, во услови на актуелната инвазија на земјата на Украина, едноставно е срамота.

На пример, 50-годишнината од неговиот пионерски лет во вселената е одбележана на украинска марка од 2011 година. А неодамна бомбардираниот стадион Чернихов Советите уште во 1960-тите го преименуваа во „Стадион Јуриј Гагарин“, а навивачите сè уште го нарекуваат така, и покрај новото официјално име.

Во пост објавен минатата година за честопати занемаруваните односи на Гагарин со Украина, Политехничкиот институт Игор Сикорски во Киев истакна дека за време на неговата прва и единствена посета на главниот град во 1966 година, космонаутот искажал најубави зборови за главниот град на земјата, која во тоа време беше дел од СССР.

„Мојот пријател Павел Попович многу ми раскажуваше за убавината на Киев“, наводно рекол Гагарин при посетата на ученици во младинскиот центар, „но она што го видов со моите очи е неспоредливо со она што го слушнав!“

Ова не е првпат геополитиката на планетава да влијае на светот на вселенските летови – по ѓаволите, па НАСА веројатно немаше толку брзо да стигне до Месечината ако не беше Студената војна, вели Футуризам.

Вселенската соработка меѓу Соединетите Американски Држави и Русија доведе до извонредно меѓународно единство и научни истражувања со децении, дури и кога политиката, понекогаш, го напрегнуваше тој деликатен сојуз.

Цензурирањето на името на Јуриј Гагарин нема да му помогне на ниту еден Украинец да се одбрани од инвазијата на Русија, но служи како уште еден потсетник дека нечесниот активизам честопати ѝ пркоси на реалноста, вели Футуризам.

Извор: мкд.мк