АктуелноЛокално

Обвинението за Иван Јованоски е класичен политички прогон – Прифатено барањето на одбраната Заев да се јави како сведок

Денес започна судењето против нашиот член на Централен Комитет, Иван Јованоски, кој при одбележувањето на 11 октомври на Могилата на непобедените, упати јасна порака до поранешниот премиер Зоран Заев. Политичката партија Левица за одбрана на овој случај го ангажира адвокатот Драган Пешевски од канцеларијата „Пешевски и Тимовски”, а средствата кои ќе бидат исплатени на одбраната, адвокатот Пешевски во претходен договор со партијата, ќе ги донира на семејствата на неправедно осудените за тероризам во случајот со 27-ми април.

Дека се работи за уште еден политички монтиран случај против неистомислениците на власта, потврдува тоа што како подносител на барањето за поведување прекршочна постапка се јавува извесен полициски службеник Златко Николоски, кој не е оштетена странка во конкретниот случај.

Бидејќи Иван Јованоски се гони поради „омаловажување или навредување службено лице на државен орган или друга институција која врши јавни овластувања во вршење на службата”, а како подносител на барањето за поведување постапка не се јавува поранешниот премиер, одбраната побара и судијката одобри на наредното рочиште како сведок да се јави лицето Зоран Заев.

На денешното рочиште, нашиот член Иван Јованоски, целосно ја отфрли вината за овој случај и потенцира дека зборовите во Записникот не се совпаѓаат со искажаното на конкретниот настан. Тој повтори дека поранешниот премиер, како наводна оштетена странка, не се јавува како подносител на Барањето за поведување прекршочна постапка и истиот малициозно ги користи органите на прогонот за чист политички реваншизам.

Ваквиот монтиран случај уште еднаш го потврдува владеењето преку хибриден режим на поранешниот премиер, кој не собра храброст ниту да се јави како подносител на Барањето за поведување постапка – туку истиот се крие позади непознати полициски службеници и ги злоупотребува државните органи заради свои лични пресметки со неистомисленици!