Нова воена агресија на Израел, овој пат против Сирија

Сирија се одбрани од израелските ракетни напад врз главниот град Дамаск и неговите предградија, пренесува Интерфакс, повикувајќи се на извор од агенцијата САНА. Во извештајот пишува дека Израел „изврши воздушна агресија со истрелување ракети од југоисточен правец“, а метите биле во близина на градовите Дамаск и Хомс.

Според агенцијата, системите за противвоздушна одбрана ги собориле ракетите, а резултатите од нападите во моментов се проверуваат.

Освен нападите од вчера, претходно, на 17 август израелските воздухопловни сили ги нападнаа позициите на сириската армија и проиранските шиитски формации кои се бореа на нејзина страна во југозападната провинција Ал-Кунеитра. Претходно на 22 јули, складишта за оружје и муниција беа нападнати во Ел Кусеир, во јужната провинција Хомс.

За овие напади Вадим Кулит, заменик-шеф на Рускиот центар за помирување на завојуваните страни во Сирија, рече дека за да ги одбие ракетните напади на израелските воени авиони, сириската армија користела системи за противвоздушна одбрана од руско производство. Според него четири израелски воени авиони влегле во сирискиот воздушен простор преку зоната која е под контрола на САД.

Дел од нападите кои се случија вчера дошле од воздушниот простор на Либан. Либанската министерка за одбрана Зеина Акар го осуди нападот, велејќи дека израелските воздухопловни сили „грубо го прекршиле либанскиот воздушен простор на мала височина, предизвикувајќи состојба на паника кај населението“. Според неа, инвазијата на израелските авиони во воздушниот простор на земјата претставува кршење на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ООН за решавање на Либанската војна во 2006 година. Таа рече дека испратила жалба до Обединетите Нации, во која ја повикала Организацијата да го одвратат Израел од воздушните напади против Сирија користејќи го либанскиот воздушен простор.

Официјално од Дамаск го повикаа Советот за безбедност на ООН „да го изведе Израел пред лицето на правдата за неговите агресивни дејствија против Сирија, кои станаа почести во последно време“. Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Арапската Република се нагласува дека „Сирија нема да се двоуми да го искористи своето легитимно право на одбрана и заштита на националниот суверенитет во целосна согласност со Повелбата на ООН“.