(Видео) 80 години од бунтот на велешките гимназијалци

Денеска, по повод годишнината од бунтот на храбрите велешки гимназијалци против бугарските окупаторски сили, во велешката Гимназија „Кочо Рацин“ се одржа одбележување на овој јубилеј, на кој се обрати и единствениот жив сведок на штрајкот на велешките гимназијалци, д-р Никола Стојанов. 

Имено, на денешен ден пред 80 години, на 14 март 1942 година, денот кога напредните младинци – гимназијалци го кажале своето решително НЕ, на бугарските окупаторски власти. 

Со силно разбудена национална свест, а под раководство на месното население, овие млади луѓе застанале во одбрана на својот јазик и својата национална самобитност. Иако младим, тие имале доволно храброст, решително да го искажат своето негодување против бугарскиот јазик и пробугарските идеи наметнати во нивното образование. Нивната храброст и одважност станале уште поголеми кога во штрајкот биле поддржани, не само од своите родители, туку и од најголем број од граѓаните од Велес.

Покрај д-р Никола Стојанов, организатори на бунтот против користењето на бугарскиот јазик од 14-ти март 1942 г., уште биле и гимназијалците Благој Кирков, Орце Иванов, Благој Јанушев и Анче Андреев.

Единствениот жив сведок на овој настан е д-р Никола Стојанов, кој денес има 99 години и кој беше првиот претседавач на повеќепартискиот парламент на Република Македонија, тој ги потсети присутните дека тревогите за јазикот и денеска продолжуваат.

„Наше е да останеме на своето, тоа е наш македонски јазик, но за жал некои соседи тоа и по толку време не го разбираат“ – посочи Стојанов.  

Настанот го организираше гимназијата „Кочо Рацин“, а поддржан е од општина Велес, на кој присуствуваа и советниците на општина Велес од редовите на политичката партија „Левица“.