Апасиев со историски говор од Парламент: Се плашите да чепнете онаму каде што има пари, а чепкате онаму каде што нема пари
Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, на вчерашната собраниска седница при гласањето на владините мерки за ублажување на кризата, силно ја критикуваше социјал-демократската власт во однос на справувањето со кризата. Тој потенцираше дека повторно товарот на кризата ќе го понесат сиромашните, додека профитите на богатите ќе останат нечепнати.
Ова е мојот прв говор кој ќе биде посветен на тема политичка економија.
Им благодарам на пратениците од СДС на нашата земја, што се летни гуми од семинар од Маврово успеаја еве, пред полноќ, да дојдат за да ги изгласаме итните 26 мерки на законот, кој што е само капка во морето.
Очигледен е впечатокот дека владата мери со погрешни мерила, дека вие немате допир со реалноста и дека овие мерки се палијативни мерки, но во духот на добро познатата социјал-демократија, меѓу народот за вас велат: ни атер кршат, ни работа вршат. Такви се и мерките ваши. 26 мерки коштаат 400 милиона евра, според министерот, а само санкциите кон Русија ќе нè коштаат 230 милиони евра.
Бидејќи јас не сум економист, нема да благоглаголам со економски термини, меѓутоа како секој добар марксист, морам да познавам политичка економија и ќе се обидам овој говор кој за прв пат е на економска тема, да го упростам со жаргон да може да го разбере и обичниот граѓанин кој не е економист.
Не ви требаат министре 26 мерки – ви требаат шест, според мене, области каде што вие реално, доколку сакате да ја подобрите оваа кризна состојба, можете да им помогнете вие како влада, како власт која располага со нашите пари, а не со вашите пари. Првата веќе ја споменав, санкциите кон Русија кои ќе ве чинат 230 милиони евра. Нема да ве чинат вас, ќе ги чинат производителите на праски од Росоман, ќе ги чинат производителите на јаболка од Преспа, ќе ги чинат призводителите на зелки од Струмица. Тие луѓе, кои што се на дното од класната хиерархија во општеството, од земјоделскиот сектор, над една третина од своите производи ги извезуваа во Русија. Со вашата поданичка надворешна политика да се правите поголеми католици од папата, овие сиромашни луѓе ќе ги плаќаат вашите погубни политики. Исто така, од прехрамбрената индустрија и од фармацевскиот сектор, сите овие ќе бидат во загуби, бидејќи трговската размена со Русија ни е 230 милиони евра, тоа значи пола од ова што вие сега го предлагате.
Следниот сектор каде што треба да се интервенира ако сме сериозна држава, а очигледно не сме, е во сферата на работниците. Значи, сфатете дека вие како социјал демократска влада, мора да ги штитите интересите на работниците, а не на работодавачите. Прво, зашто не го вратите исплатата на плата да биде до 5-ти, а не до 15-ти во месецот. Тоа е една одвратна измена во Законот за работни односи која му овозможи на работодавецот, практично, вие пола месец да му работите за да не ви исплати плата. Значи, вратете го исплаќањето на плата да биде до 5-ти во месецот.
Потоа, вратете ги договорите на неопределено време. Имено, владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ сите овие години го продолжуваа прекаријатското работење. Тоа значи работењето на определено време. Тоа е измислено за сезонски работници. Какви се тие петгодишни сезонски работнци кои ќе ви работат на определено време. Значи немаат никакв правна сигурност. Вратете го тоа да биде на шест месеци. Потоа, вратете ја измената на бруто платата, вратете им ги хранарините и патните трошци на работниците. Не може само пратеницитие и функционерите да зимаат патни трошоци во државава. Ова е измена која што ја направи Трајко Славевски. Нели е тој за вас конзеравитец, еве ви прилика вие како левичарска социјал-демократска влада тоа да го поправите.
Исто така, вратете го здравственото осигурување на работниците. Дали знаете дека омразениот закон на Зоран Ставревски и по шест години власт ваша е во сила. Дали знаете дека работник кој плаќал здравствено осигурување, кој имал приход над одредена сума, ако остане без работа од утре-дента сам си плаќа здравствено осигурување. Тоа е нелогична мерка, кај останал без пари и треба да си плаќа здравствено осигурување, иако можеби не користел ниту една здравствена услуга. Вратете го тој закон.
Вратете ги работничките совети кои се уставно загарантирани. Дали знаете дека во нашиот устав, сопственоста и трудот се основа за управување во компаниите. Ние ја имаме само сопственоста во акционерските друштва, немаме ни Р од работнички совети. Не можат луѓето ни синдикати да си формираат зашто ги бркаат од работа. Еве го законот на Левица за апанажа. Не ни го усвоивте ова за апанажа на министри, значи дајте им сега на работниците апанажа. Како може министер со две години стаж да зема една година апанажа, а за работник да му требаат 25 години стаж за да ја зема истата таа апанажа. Министер да зима 100% апанажа, а работник да зима 50% апанажа.
Следната област се студентите. Предложивме закон за субвенционирање на студентски оброк, да го зголемите, го одбивте тој закон. Потоа, зголемете ги студентските стипендии ако сакате да им помогнете на најзагрозените. Зголемете ги сместувачките капацитети во студентските домови за да не биде пола Македонија кираџија во Скопје и да им плаќа рента на рентиерите. Дали знате дека само 4% од сиромашните студенти завршуваат факултет, а 70% од богатите завршуваат. Ова е класична класна дискриминација. Вие ги бркате паметните сиромашни деца да ни студираат по Љубљана. Дали знаете дека Љубљанскиот универзитет е веднаш зад УКИМ по бројот на запишани. Тоа е токму затоа што пет години одбивате тие витосни 200 или 400 евра да им ги намалите на овие деца. Сиромашните не можат да поднесат да студираат во Македонија.
Од друга страна, следен сектор каде што треба да интервенира се секторот за комуналии. Работиме само за сметки, просечен граѓанин работи една третина само за сметки. Зашто не ги намалите патарините? Па еден Груевски ги намали патарините во поблага криза од оваа. Дали знате дека 1200 евра годишно ви е патарина од Штип до Скопје, на секои 20 километри имате патарина. Еден Австриец ќе плаќа 100 евра за вињетка за цела година, еден штипјанец плаќа 1200 евра. Кој е тој стандард што може ова да го издржи?
Зашто дуќанџиите, занаетчиите, градинките, болниците, училиштата, факултетите плаќаат индустриска струја. Самиот назив индустриска ни говори дека треба да ја плаќаат индустријалците, а не дуќанџиите и трговците-поединци за малите дуќани кои што ги имаат.
Зошто не воведете бесплатен приклучок за струја и вода. Илјадници стотици евра се даваат вакви приклучоци. Или на проблемите на луѓето од селата. Го оставивте ЕВН еднаш годишно да испита струјмерите. Знаете што се случува, пензионери со 10.000 денари пензија им стига сметка од 500-600 евра во декември месец. Како може после тој човек да ја плати таа сметка.
Следна област, областа на капиталистите. Ниту еднаш како социјал-демократска влада не спомнавте данок за луксуз. Дали знаете дека не постои земја во ЕУ која нема данок на луксуз до 25%, данок на хациендите кои ги имате, данок на јахтите кои ги имате, данок на масератите, ферарите, ламбурџините, данок на скапите часовници, облеки, мебел и накит. Една Австралија има 33% данок на луксузни возила. Потоа, данокот на богатство не го споменувате. Норвешка има 0,8%, Шпанија 2,5%, Швајцарија 1% данок на богатство.
Данокот на имот кај нас е најнизок данок на Балканот. Грција има шест пати поголем данок на имот, Србија има 10 пати поголем данок на имот. Се плашите да ги одданочите богатите. Целиот даночен товар почитувани, паѓа на сиромашните. Сиромашните ја спонзорираат вашата недокваканост. 18% од даночниот товар во државава го плаќаат сиромашните, само 13% го плаќаат богатите, затоа што се плашите да им ги чепнете профитите. Зашто не говорите за данок на експлоатација како права социјал-демократска влада. Профитите во овие 15 години на фирмите се зголемени за 300%, платите се зголемени за 50%. Двеста пеесет посто експлоатација. Не зборувате дека еден менаџер во конфекција зема плата колку 400 шивачки. Дали вие сте се запрашале колкави се тие класни разлики?
Зошто не воведете прогресивен данок за елитата. Десет илјади брачни парови владеат со државава. Како не ви е срам нив да не ги даночите, а да ги даночите шивачките со 10%. Сите да плаќаат исти даноци. Не посоти цивилизирана држава која нема прогресивен данок. Најскапо платената плата во 2021 е 225.000 евра исплатена на скопјанец. 416.000 евра бонуси исплатени пријавени во УЈП, да не зборуваме за непријавени. Се плашите да чепнете онаму каде што треба, онаму каде што има пари, а чепкате онаму каде што нема пари.
И на крајот, што правиме со банкарскиот сектор? Тој е лихво-банкарски сектор. 85% од вработените луѓе живеат во должничко ропство на банките. Каматите во пимското право биле 4%, се што било над 4% било лихварска камата. Во Отоманското царство каматите биле помали од Република Македонија. Дали сте свесни вие за тоа? Дека се плаќаат камати на камати, дека се плаќаат за 100 евра 1100 евра извршители. Срамота е тоа во дваесет и првиот век.
Ова се реалните проблеми, овде се парите и овде треба да даночите, а не да изигравате со палијативни мерки дека као божемски решавате криза.