АктуелноЛокално

Кираџиева: Социјална правда, еднаквост и намалување на јазот помеѓу работниците

Пишува: Весна Кираџиева – шесткратна шампионка на Македонија во маратон и координатор на Левица – Сектор спорт.

Целта на зголемувањето на минималната плата е огромниот раст на трошоците за живот и сиромаштијата која се зголемува. Друга цел, за мене е намалување на јазот помеѓу класите во општеството. Да појаснам:
СОНК и генерално, интелектуалата од образовниот сектор, по одлуката дека минималната плата ќе изнесува 18.000 денари, се најдоа крајно навредени, дека сега чистачките ќе земале повисоки плати и ќе се доближеле до нивните, професорски. Хорор!

Замисли чистачка да зема „скоро“ колку тебе. Чистачката која за да дојде на работно место, станува во 5:00ч наутро, за да стигне до 6:00ч на работно место, за да го исчисти твојот работен простор за тебе и децата/ученици/студенти, да пребришува и дезинфицира сѐ неколку пати на ден, особено сега во време на пандемија, за да ти, интелектуала, можеш наспан и најаден, да дојдеш на работа од 10ч, да одржиш едно-две предавања и да си одиш до 13ч на кафе, во кафана или дома да одмараш, пошто си имал цели две исцрпни предавања (каде, најголем дел, барем од мое искуство како ученик и студент, читаат од книга, не ни предаваат), а чистачката, (којашто замисли, ќе зема 18.000!), ќе остане последна, до крај на работно време, за да го исчисти нередот кој ти си го направил за тие 3 саата интелектуална работа, со три кафиња и две кутии цигари испушени.

Во кој аспект, професорите, наставниците, или генерално „интелектуалата“, сме и повеќе од дупло позаслужни од една чистачка или хаусмајстор, или молер?

Висина на платите се пресметува со таканаречен коефициент на сложеност на работно место. Според пресметките на СОНК, излегува дека платата на наставник треба да изнесува 45.054 денари. За професор во средно, платата треба да биде 45.594 денари. За работно место хигиеничар во училиште би земал плата од 23.400 денари. И оттука, излезе нова хистерија, леле, па ако во средно земаат професорите 45 илјади, ние на факултет мора повеќе, или ќе бидеме демотивирани!

Озбилно?! Очигледно дека нешто не е во ред во критериумите поставени преку овој коефициент на сложеност на работно место, кој очигледно кога бил креаиран, бил креиран од професори и интелектуала, но на масата не биле седнати и на пр. хигиеничари, бидејќи не знам колкава е таа сложеност на работа и работна разлика и проценката за тоа, која создава повеќе од дупло поголем јаз на вреднување на трудот на работниците!

Да се навратам на аргументот дека наставниците и професорите ќе биле демотивирани да напредуваат, да спремаат магистрат или докторат, да пишуваат трудови – чистачките имаат супер волја, тие се константно мотивирани, ним не им ни треба мотивација за работа!

„Да, но тука се важи и трудот вложен за да се стигне до позиција професор, односно влог во образование, надоградба и сл…“, ќе речат. Прво, тоа е ОК во идеално општество, каде професорите и наставниците навистина вложиле години и сѐ уште вложуваат во образование, работат на трудови, посетуваат семинирани и го пренесуваат наученото.

Но, во реалноста не е така (со ретки исклучоци, 1 на 100), додека пак, за чистачките, не значи дека не вложиле во образование. Никој себеси како дете во училиште не се замислува кога ќе порасне да биде чистачка, или хаусмајстор. Мајка ми е чистачка во училиште. И да, не сака да ја викаат хигиеничарка, пошто смета дека е неправедно некој да манипулира со вистината дека „чистачка“ е срамно и понижувачки, а „хигиеничарка“ е политички коректно.

Се согласувам. Мајка ми е економист, со средно економско и две години економски факултет, по што била вработена во маркет на „Славија“, каде брзо напредувала до менаџер на смена. И дојдоа штеточините СДС на Нашат земја на власт и направија раскол, испокрадоа сѐ, „Славја“ отиде под стечај и мајка ми, како и илјадници други, останаа на улица, со мали деца и без опција за работа со години, пошто штеточините све затворија. И после години, опцијата беше таа – чистачка. И вакви се илјадници случаи. Мои колешки/ги од Факултет за безбедност, сега работат како касиерки или чувари (обезбедување) во маркети, за минимална плата, не дека не вложиле во образование, туку како резултат на невреднување на труд, наспроти купени дипломи, магистарски, докторски. Затоа не, не сметам дека некој вреди дупло повеќе.

Јас поаѓам од себе. Јас не мислам дека вредам дупло повеќе (или помалку), дека мојот труд и вложено образование вреди дупло повеќе (или помалку). Да, треба да се вреднува сечиј труд соодветно, не сме сите исти, но ваков драстичен јаз е екстремен и создава класи. Има разлика меѓу „соодветно“ и „драстично“. Не мислам дека моето вложување во образование е толку екстремно поголемо и повредно, од оние кои работат во Комуналец и ни ги празнат контејнерите од 5ч наутро! Некој ми кажа дека земаат 30.000 плата (не знам дали е точно) и реков браво! Јас не би се нафатила за тие пари да собирам ѓубре, а ако некој ми понуди 20-25.000 да бидам професорка/тренерка или 30.000 за да чистам ѓубре, би избрала 20.000. Не дека сметам дека е лоша работа, ама не ми се чисти. И мислам дека вреди да бидат платени достоинствено.

Токму затоа, во државава не можеме да најдеме мајстор да ни реновира бања. Зашто сме изигрувале интелектуала, не заслужуваат мајсторите. А тие, за 3 месеци работа во Германија, земаат колку цела година кај нас.

Со ваков тренд на дискриминација на работничкот трудот, ќе останеме и без чистачки и ние, интелектуалата, вие професорите, сами ќе си ги рибате тоалетите во училиштата и факултетите и ќе се пентарите на 2,5 метри висина, да си бришете прозорци!

Ако мислите дека премногу работите за 25-30.000 плата, тогаш работете како чистачки, хаусмајстор или градежен работни за минималец и уживајте како тие што уживаат. Помини километар во чевлите на другиот, па осудувај и вреднувај нечиј труд.

Ваквите реформи, наспроти тврдењата на естаблишментот, не носат никаков напредок – напротив, тие единствено само придонесуваат кон тоа класните разлики да се зголемуваат и јазот меѓу богатите и сиромашните да биде сѐ поголем.

Трудољубивост и чесно завршена работа треба да биде критериум за висина на плата, а не (купена) диплома и педигре. Јазот на вреднување на трудот мора да се намали, а не да се зголемува!