Малите хидроелектрани ја „убиваат“ Маркова Река

Долга е триесеттина километри, се наоѓа јужно од Скопје и е десна притока на р. Вардар. Маркова река се бори за живот, откако Владата издаде концесија за три мали хидроелектрани, на „Индиго Хидро“.

Градежните материјали од изградбата на малите хидроелектрани целосно затрупаа делови од реката, екосистемот е речиси уништен, а нормалниот тек на водата е оневозможен.

Управителка на „Индиго хидро“ Билјана Давидовска, смета дека тие работат во склад со дозволите, според проектната документација и дека раскопаниот дел на реката е поради градежните активности.

Активистите од „Еко-свест“ побарале од Владата да ги заштити своите граѓани и извори на вода и ова да биде висок приоритет.

Тие велат дека „Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата која е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило“.

Договорот за концесиите за изградба на мали хидроелектрани на Маркова Река, Министерството за животна средина и просторно планирање го потпишало со „Индиго хидро“ во 2015 година. По реакциите на јавноста од Министерството соопштија дека побарале од Државниот инспекторат за животна средина да излезе на терен и да провери дали постојат нерегуларности.

Според Државниот инспекторат за животна средина „При инспекцискиот надзор се утврди дека за ниту една централа не се зафаќа вода од реката, туку целата количина на вода се остава да тече слободно преку рибјата патека“.

Уништувањето на Маркова Река од страна на крупниот капитал, кое може да се види при обична прошетка, државните институции не го гледаат ни при увид.