Крмов му врати на Џафери: „Бог е милостив према праведните”
Предлогот на Левица за укинување на апанажата на избраните и именуваните функционери доби поддршка само од 16 пратеници и со тоа Собранието нема да расправа за него. Во излагањето пред Собрание, пратеникот Крмов истакна дека министри кои што се милионери по дефиниција, бараат апанажа во една од најсиромашните земји во Европа , што според пратеникот на Левица е апсолутно недозволиво.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери од говорница кажа зошто гласал против укинувањето на апанажата.
-Оваа највисока легислативна власт фунционира врз основа на Уставот и Деловникот. Сите имаме предвид дека Собранието не е локална самоуправа кое функционира без надоместоци. Образложението дека фунционерите се милионери и не треба да им следува апанажа, но што правиме со тие што не се милионери. Еве вие Крмов не сте милионер и ќе треба да останете на волја Господова. Држава се гради врз принципи – рече Џафери.
На ова му врати пратеникот од редовите на Левица, кој преку својот фејсбук профил упати кратка порака до спикерот Џафери: „Нека биде волјата Господова Претседателе Талат Џафери. Бог е милостив према праведните.”