Заев и Пендаровски го поддржуваат португалскиот предлог според кој македонски јазик постои од 1945 година
Португалија по четврти пат претседаваше со Советот на Европската Унија (ЕУ) во првата половина на минатата 2021 година. Уште пред да ја заземе улогата претседавач со Советот на ЕУ, Шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва, истакна дека отворањето на пристапните преговори со Скопје и Тирана е меѓу приоритетите на португалското претседателство.
Државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, пред да биде претставено португалското решение изјави:
„Северна Македонија, тие мораа да минат низ многу тешки преговори со Грција, сетете се дека тие го сменија името на државата. Затоа е многу тешко бидејки тие исто така се поврзани со Бугарија во смисла на културата и во смисла на јазикот така да спорот се однесува на тоа што СЕВЕРНОМАКЕДОНСКИОТ јазик некогаш бил дел од Бугарскиот јазик и на културната димензија на двете земји.“
Оваа изјава максимално се обидоа да ја релативизираат и да ја претстават како недоразбирање, како од португалска страна, пред се од Пина, (Амбасадорката на Португалија во Скопје), така и од целиот државен врв, вклучувајки ги Зоран Заев.
Тогаш, Никола Димиорв во обид да ја одбрани Закаријаш, објави аудио снимка, која дополнително го потврди ова, за на крај да изјави дека ова не е официјален став на Португалија и станува збор како што кажа тој за „несреќна изјава“.
Подоцна беше објавен португалскиот предлог за надминување на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, кој во своето решение понуди двете страни да се договорат дека македонскиот јазик е кодифициран (што значи постои од) во 1945 година. Во португалскиот предлог стоеше:
„Бугарија да изјави дека македонскиот јазик не постоел пред 1944 година и дека јазикот во сите идни документи треба да биде сметан во согласност со Уставот на земјава, а од друга страна Македонија да изјави дека македонскиот јазик бил кодифициран во 1945 година.„
По овој предлог подоцна се изјасни тогашниот премиерот Зоран Заев. Во изјавата дадена на 24 мај 2021 година тој рече дека предлогот е добра база, во истиот се води сметка за двете страни и дека соодветствува со резолуцијата на бугарскиот парламент.
„Но, според мене мислам дека португалското претседателство, португалскиот министер Агуста Силва заедно со неговиот тим воделе грижа за двете страни за да бидат вклопени очекувањата, кај нас рековме дека тоа е добра база, појдовна основа за решение, ние го дискутираме сериозно и веќе се одржаа неколку состаноци и ќе продолжат секако во текот на оваа седмица да се одржуваат, исто така гледам дека и во бугарската страна имајќи ја во предвид резолуцијата освоена во нивниот парламент, ставовите на бугарската страна тие го имаат сето тоа што е важно соодветно и алоцирано“.
Во јавноста ова наиде на огромна критика, голем број научници, експерти и политиколози не се согласија никако со ваквиот предлог на португалската страна, по што за истиот престана да се дискутира во јавниот дискурс, што создаде слика дека ваквиот предлог е одбиен и ова останува завршена работа.
Но, по посетата на Бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје од пред неколку дена и неговата средба со Пендаровски, Шефот на државата изјави дека македонската позиција е идентична со португалскиот предлог.
„Нашиот договор, државен, не само владин, беше идентичен на португалскиот предлог, државниот одговор беше заеднички и во однос на 5+1 планот.“
По оваа изјава за јавноста станува јасно дека португалскиот предлог сè уште е во игра, отварајќи ја веројатноста нашите политичари да преговараат за признавање на македонскиот јазик, но од 1945 година.