За промоција на струшкиот туризам Мерко ќе плаќа инфлуенсерки

На четвртата Седница на советот на Општина Струга се гласаа предлог програмите кои ќе ги спроведува локалната самоуправа во 2022 година. Мнозинството во советот составено од советниците на ДУИ и СДСМ ја усвоиле програмата „за општа туристичка пропаганда и подобрување на условите за престој на туристите во 2022 година“ во која е предвидено Општината да плаќа инфлуенсери кои ќе го промовираат туризмот.

Според информациите кои протекоа во јавноста градоначалникот Рамиз Мерко за спроведување на оваа „мерка за подобрување на туризмот“ средствата ќе ги обезбеди од општинскиот буџет. Односно во оваа програма предвиден е буџет од 220.000 денари за продукција на фотографски и видео-материјали за туристичките потенцијали ќе се потрошат и буџет од 300.000 денари за билборди, реклами, блогери и инфлуенсери.

За жал, оваа програма како и останатите во општина Струга се тешко достапни за јавноста. Без разлика на обврските за транспарентност, Општината на чие чело е Мерко на својата веб страница ги нема објавено овие програми, како ниту оние од претходните години. Граѓаните немаат речиси никаков увид за тоа како локалната власт ги троши нивните пари, а згора на тоа последниот „службен гласник“ (иако има информативен карактер) достапен на веб страницата на локалната самоуправа е од октомври месец 2020 година.

Според советниците од опозицијата кои јавно ја критикуваа идејата на Мерко, оваа програма во останатиот дел е речиси идентична со онаа од претходната година.

Извор: alsat.mk