АктуелноЛокално

Сметките за гас во Куманово повисоки за над 200%, резерви има само за еден месец

Физичките и правни лица од Општина Куманово кои користат гас, од овој јануари ќе плаќаат сметки повисоки за над 200%. Досегашната цена беше 25 денари за кубен метар, но од оваа година потрошениот гас ќе го плаќаат за 55 денари поскапо односно 80 денари за кубан метар.

Од Јавното претпријатие „Куманово гас“ тврдат дека новата набавка на гас сега ги чини два пати поскапо споредено со лани. Според информациите споделени со јавноста од страна на директорот Никола Денковски, „Ако некој месечно трошел 100 кубика и плаќал 2.500 денари сега ќе треба да плаќа 8.000 денари“. Јавното претпријатие потврди дека потрошувачите се известени за ова нагло поскапување и воедно имаат право да одлучат дали ќе продолжат со користењето на гас.

Претходно Општината го субвенционираше приклучувањето на граѓаните на гасната мрежа, вкупно околу 400 кумановчани се корисници на овие услуги. Освен правните и физички лица на гасоводот се приклучени и јавните институции односно училишта, градинките и други државни и општински установи. По ваквото драстично зголемување на цената веројатно сите ќе бидат принудени да прават ребаланс на буџетот за да обезбедат непречен проток на овој енергенс во нивните објекти.

Дополнително загрижувачки е фактот дека претпријатието имало обезбедно гас само за еден месец, со што се отвара можноста да бидат потрошени овие резерви, а потрошувачите да останат без овој енергенс. Ваквото сценарио станува уште по реално ако се земе во предвид дека претпријатието овој енергенс го обезбедува од рускиот пазар, додека актуелната владина политика постојано наложува санкции на Русија.