АктуелноБиблиотекаИнтернационално

На денешен ден 1961 година Куба официјално ја искорени неписменоста!

Во 1961 година, владата на Фидел Кастро започна едногодишна мисија со цел да стави крај на неписменоста во земјата. Кога Движењето “26 јули” на Фидел Кастро го собори од власт диктаторот Фулгенсио Батиста (поддржан од САД), на 1 јануари 1959 година новата револуционерна влада наследи земја со стапка на писменост од само 60 проценти.

Кубанската кампања за писменост во тоа време собра над 250.000 наставници – волонтери, кои ги повика да одговорат на повикот за описменување на нацијата. 100.000 од нив биле помлади од 18 години, а половина од нив биле жени. По обуката, наставниците биле испратени во оддалечените и рурални делови на земјата за да ги школуваат и да живеат со семејствата на кои им вршеле едукација.

Во 1961 година, револуционерната кубанска влада, исто така во самиот процес ги национализирала и сите образовни институции, успевајќи да обезбеди услови за секое дете да го ужива човековото право на бесплатно и квалитетно образование.

Кампањата беше со голем успех и денес стапката на писменост во Куба изнесува 99,8%. Денес, повеќе од 10 милиони луѓе од над 30 земји научија да читаат и пишуваат преку кубанската програма “Yo Si Puedo”- (Да, можам), која делува во земји од Шпанија до Венецуела.

Програмата обезбедува бесплатно образование за сиромашните возрасни лица кои како деца немале можности да научат да читаат и пишуваат.